САД ја продолжија националната вонредна состојба поврзана со Македонија и Западен Балкан

Американскиот претседател Доналд Трамп за уште една година ја продолжи националната вонредна состојба поврзана со Западен Балкан.

Според  објавата во Федералниот регистар,  мерката се однесува на лица и групи кои поддржуваат екстремистичко насилство во регионот, како и активности што го попречуваат спроведувањето на мировните договори во Босна и Херцеговина, Косово и Македонија.

Во документот се споменува и Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој беше вклучен во дополнителните мерки преку измените на извршната наредба од 2003 година. Вашингтон оценува дека и натаму постојат околности кои бараат продолжување на вонредната состојба и санкциските механизми поврзани со Западен Балкан.

-На 8 јануари 2025 година, претседателот потпиша Извршна наредба 14140, со оглед на настаните во Западен Балкан, вклучувајќи ги и континуираните обиди на поединци да го оспорат суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, да ги поткопаат повоените договори и институции, да се вклучат во значителна корупција што го еродира владеењето на правото и довербата во демократското управување и да ги избегнат санкциите на Владата на Соединетите Американски Држави, како и со цел да се преземат дополнителни чекори во однос на националната вонредна состојба во однос на Западен Балкан, се вели во објавата.

Дејствијата на лицата што го загрозуваат мирот и напорите за меѓународна стабилизација на Западен Балкан, вклучувајќи ги актите на екстремистичко насилство и опструктивните активности, како и ситуацијата во Западен Балкан, која го попречува напредокот кон ефикасно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции, според наведеното во објавата, подолжуваат да претставуваат необична и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави.

-Поради оваа причина, националната вонредна состојба прогласена со Извршната наредба 13219, според која беа преземени дополнителни чекори со Извршната наредба 13304, која беше проширена во опфатот со Извршната наредба 14033, и според која беа преземени дополнителни чекори со Извршната наредба 14140, мора да продолжи да важи и по 26 јуни 2026 година. Затоа, во согласност со член 202(d) од Законот за национални вонредни состојби (50 U.S.C. 1622(d)), ја продолжувам националната вонредна состојба прогласена со Извршната наредба 13219 во однос на Западен Балкан уште 1 година, се вели во објавата од Федералниот регистер на САД.

Во неа стои и дека на 26 јуни 2001 година, со Извршна наредба 13219, претседателот прогласи национална вонредна состојба во однос на Западен Балкан согласно Меѓународниот закон за вонредни економски овластувања (50 U.S.C. 1701 et seq.) за справување со необичната и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави, која претставуваат дејствија на лица вклучени во, или помагаат, спонзорираат или поддржуваат, (i) екстремистичко насилство во поранешна Република Македонија (сега Република Северна Македонија) и на други места во регионот на Западен Балкан, или (ii) дејствија што го попречуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна или Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 10 јуни 1999 година во Косово.

-Претседателот потоа ја измени таа наредба во Извршната наредба 13304 од 28 мај 2003 година, за да преземе дополнителни чекори во однос на одредени дејствија што го попречуваат спроведувањето, меѓу другото, на Охридскиот рамковен договор од 2001 година што се однесува на поранешна Република Македонија (сега Република Северна Македонија). На 8 јуни 2021 година, претседателот ја потпиша Извршната наредба 14033, со која се прошири опсегот на националната вонредна состојба прогласена во Извршната наредба 13219, како што е изменета, утврдувајќи дека ситуацијата на територијата на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Република Албанија (Западен Балкан), во текот на изминатите две децении, вклучително и поткопувањето на повоените договори и институции по распадот на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, како и широко распространетата корупција во рамките на различните влади и институции на Западен Балкан, го попречува напредокот кон ефикасно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции, и со тоа претставува необична и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави, стои во објавата од Федералниот регистар. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано