РАБОТНИЦИТЕ МАСОВНО ЗАМИНУВААТ ОД ИСТОЧНА ГЕРМАНИЈА,  ЕДНА ОД ПРИЧИНИТЕ Е ПОВРАТНАТА МИГРАЦИЈА ВО ПОЛСКА И ДРУГИ ЗЕМЈИ

Источна Германија е изложена на ризик од понатамошни масовни загуби на работна сила доколку продолжи егзодусот на вработените.  Oд 2023 до 2025 година, источните покраини на Германијаизгубиле околу 141.000 работници со германско државјанство, додека уделот на вработените без германски пасош се зголемил за 90.000, според извештајот на Институтот за германска економија (IW), објави ДПА.

Институтот  ги анализирал источногерманските покраини, вклучувајќи го и Берлин, и дошол до заклучок дека во наредните години се закануваат дополнителни загуби на работна сила поради пензионирањето на вработените, но и поради повратната миграција.

Помеѓу крајот на 2023 година и крајот на 2025 година, вработеноста на германски државјани во источните покраини се намалила за 2,5 проценти, додека вкупната вработеност се намалила за 0,8 проценти.

На ниво на цела Германија, вкупната вработеност се зголемила малку за 0,2 проценти, додека вработеноста на германски државјани се намалила за 1,4 проценти.

Авторите на студијата предупредуваат на последиците од зголемената повратна миграција во Полска и други, претежно источноевропски земји.

Од 2024 година, е забележан сè поизразен тренд на повратна миграција во земјите што се приклучија на Европската Унија од 2004 година, бидејќи економската состојба во тие земји се подобри во меѓувреме.

До минатиот декември, Источна Германија веќе изгуби 7.800 вработени од тие земји, соопшти институтот, повикувајќи се на Федералната агенција за труд.

Уделот на странски државјани меѓу вработените во Источна Германија се зголеми од 4,8 проценти во 2015 година на 13,3 проценти во 2025 година.

На крајот од минатата година, во Источна Германија имало 845.000 странски вработени. Повеќето од нив биле од Полска, 16,2 проценти, по што следува Украина, 7,4 проценти, пренесува Б92.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано