ПРОГЛАСЕНА КРИЗНА СОСТОЈБА ПОРАДИ РИЗИЦИ ОД ПОЖАРИ, во текот на јули, во просек дневно се регистрираа по околу 15 пожари на отворен простор

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на државата поради зголемените ризици и опасности од пожари на отворен простор и шумски пожари, во времетраење од 30 дена, почнувајќи од утре.
 
Владината прес-служба вечерва соопшти дека одлуката е донесена со цел навремено, координирано и ефикасно справување со состојбата на терен, како и максимално мобилизирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.

– Во рамките на донесената одлука се предвидува активирање на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и во рок од 24 часа ќе изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции. Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно со прописите за управување со кризи и во целост да ги стават на располагање своите капацитети, со цел навремена и ефикасна реакција на терен, информира владината прес-служба. 

Во текот на јули, во просек дневно се регистрираа по околу 15 пожари на отворен простор. Благодарение на навремените интервенции на пожарникарите, како и поддршката од воздухопловните средства на Дирекцијата за заштита и спасување, сите пожари беа успешно ставени под контрола и изгаснати. Ова го соопшти денеска во изјава за медиумите директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Посочи дека врнежите во текот на изминатиот период придонеле за намалување на бројот на пожари и го успориле нивното ширење.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано