Во кавадаречко пожарникарите работеа во текот на целата ноќ, пожарот значително е намален но се уште е активен, информира утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
ДЗС и Центарот за управување со кризи информираат дека од шест часот изутринава на пожарот во Општина Кавадарци се ангажирани повеќе екипи кои интервенираат на два правци.
Во правецот од село Дреново кон село Ќесендре интервенираат ЈП „Комуналец“ – Кавадарци со по една цистерна и скип и двајца вработени, припадници на МВР со еден пинцгауер и четворица вработени, ЈП „Национални шуми“ подружница „Бор“ Кавадарци со камион, џип и четворица вработени, како и осум пожарникари од ТППЕ Кавадарци со два пинцгауери и една „Лада Нива“.
Вториот правец е од реонот кај село Раец каде интервенираат ЈП „Комуналец“ – Кавадарци со една цистерна за вода, еден скип и двајца вработени, ТППЕ Кавадарци со едно противпожарно возило и петмина пожарникари, ТППЕ Неготино со еден џип и четворица пожарникари, како и четворица вработени во МВР.
Пожарот во кавадаречкиот регион зафатил претежно нискостеблеста вегетација.
Центарот за управување со кризи соопшти дека до 07:30 часот утрово се регистрирани 29 пожари на отворен простор, од кои два се активни, а 27 се изгаснати.
Активни се пожарите во Општина Кавадарци (помеѓу с. Раец и с. Ќесендре, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација), како и во Општина Прилеп (ул. „Дебарска“, м.в. Теке (депонија), а другите три правци се изгаснати).
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








