Во текот на вчерашниот ден имавме најмалку 33 пожари на отворен простор. Најкомплексен и најтежок за гаснење е пожарот што сега гори на планината Китка – рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
– Помеѓу нив имавме неколку исклучително тешки шумски пожарим кои избувнаа среде борова шума. Таков беше пожарот што избувна во близина на границата со Бугарија, на територијата на општина Пехчево, во атарот на селото Црник. Тежок пожар за кој не очекував дека ќе биде изгаснат. Благодарение на извонредната координација на градоначалникот на Пехчево, со поддршка на три „ер трактори“ на ДЗС, овој пожар најпрвин беше ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат. Денес не дава знаци на горење – истакна Ангелов во попладневната изјава.
Тој додава дека наредниот тежок шумски пожар беше во атарот на селото Бигла, некаде на средина помеѓу Македонска Каменица и Делчево, и за кој, посочи, не очекувал дека ќе биде ставен под контрола.
Извор/фото МИА








