Избувна пожар попладнево во велешката месност Дорутовец, по бензинската станица на „Макпетрол“, пред влезот во Велес, од десната страна на патот гледано во насока кон градот. Како што информира Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), поради ветрот и опасноста пожарот да се прошири, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, активираше два авиона „ер трактор“ на ДЗС.
На терен се и пожарникарите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес кои дејствуваат со две ПП возила и шест нивни припадници.
-По дејството на противпожарните авиони „ер трактор“ на ДЗС, пожарникарите на ТППЕ Велес, месно население од село Чалошево и екипа со цистерна од ЈП „Дервен“, опасноста е намалена, но пожарот е проширен во правец на патот Велес – Штип. Поради чадот што ветрот го носи кон автопатот, од Главниот штаб за управување со кризи е побарана поддршка од МВР за регулирање на сообраќајот согласно потреби. Состојбата се следи од Главниот штаб за управување со кризи, во координација со екипите на терен, наведува ДЗС.
Според ДЗС, до 18:00 часот во Центарот за управување со кризи се регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор, од кои четири aктивни и пет изгаснати, а пожари под целосна контрола нема.








