ПОЛСКА E ШЕСТА НАЈГОЛЕМА ЕКОНОМИЈА ВО ЕУ,  нејзиното учество е речиси пет проценти во вкупната економија на Унијата

Полската економија добива сè поголемо значење во Европската Унија. Според податоците од европската статистичка служба Евростат, во 2025 година Полска стана шеста најголема економија на ЕУ во однос на номиналниот бруто домашен производ (БДП), со учество од речиси пет проценти во вкупната економија на Унијата.

Вредноста на полскиот БДП по тековни цени минатата година достигна 922,9 милијарди евра, што претставува 4,9 проценти од вкупното економско производство на Европската Унија.

Германија, Франција, Италија, Шпанија и Холандија се пред Полска, објавува Еуроњуз Србија.

Полска е пред Белгија, Шведска, Ирска и Австрија.

Најголемата економија во Централна и Источна Европа

Полска е убедливо најголемата економија во Централна и Источна Европа. За споредба, БДП на Романија во 2025 година изнесуваше 380,1 милијарди евра, на Чешка 347,3 милијарди, а на Унгарија 218,8 милијарди евра.

Вкупниот БДП на сите 27 членки на Европската Унија минатата година изнесуваше околу 18,8 милијарди евра.

Германија учествуваше со 23,8 проценти од вкупната економија на ЕУ, Франција со 15,9 проценти, а Италија со 12 проценти.

Растот на полската економија е резултат на долгогодишен економски развој, силна индустрија, зголемен извоз, но и раст на потрошувачката и инвестициите.

Реалниот БДП на Полска порасна за 3,6 проценти во 2025 година, додека економијата на целата Европска Унија забележа раст од 1,5 проценти.

Сепак, големината на целокупната економија не мора нужно да укажува колку добро живеат граѓаните на една земја. Кога се гледа БДП по глава на жител, Полска е сè уште под просекот на Европската Унија.

Според податоците обезбедени од Евростат, БДП по глава на жител во Полска во 2025 година бил под 85 проценти од просекот на ЕУ. Сепак, брзиот економски раст во последните години ѝ овозможи на Полска дополнително да ја консолидира својата позиција како најголема економија во Централна и Источна Европа и да се приближи до најразвиените земји на ЕУ во однос на целокупната економска сила


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано