Во 2010 година, како уредник на забавната редакција на А1 телевизија, за прв пат заминав на Викенд Медиа Фестивал во Ровињ. Околувратникот од акредитацијата уште го чувам. Тогаш го гледав како сувенир, но веројатно е повеќе камче во еден многу поважен мозаик. А1 телевизија се затвори, ние отворивме маркетинг агенција, а патувањата не престанаа. Најпрво регионални, потоа континентални, До пред Ковид, ваквите собири на фелата беа константа во календарот и навистина гледав неколку пати семестрално да учествувам на нив. Со време од слушател станав дел од програмата на панели и жирија на Викенд во Ровињ, Kaktus, SoMo Borac и Balcannes, членство во престижната асоцијација The One Club for Creativity од Њујорк итн.
Од надвор, ваквите фестивали и собири изгледаат како панел дискусии, музика, јадење, пиење и дружење. Но, најважното не се случува на сцената, туку во фоајето, на кафе, на вечера. Луѓето од финансии би прашале каде е повратот на инвестицијата тука, ним не им е јасно зошто во Excel табелите нема колона за „разговор во лоби“. Но, можеби највлијателниот американски социологот Марк Грановетер уште во седумдесетите покажа дека најважните можности ретко доаѓаат од луѓето што ги гледаме секој ден, туку од „слабите врски“ т.е. познаници од други средини и други пазари.
Преку таква „слаба врска“ стигнав до Дали Бунгиќ, генерална директорка на Luna/TBWA во Словенија. Поточно преку еден меил. Дорис Данер, тогашна потпретседателка на TBWA одговорна за Европа со која ете сме се сретнале и сме си размениле контакти на овие собири, ни напиша на двајцата „мислам дека треба да поразговарате“. Насим Талеб има еден концепт на „површина на среќата“ која расте со тоа што се појавуваш на повеќе места каде некој може да те запамети. Со тоа си ја растеш „површината“ за оној пат кога некому треба да му текне на тебе, да ти се „посреќи“. Искрено, верувам во концептот и лично сум бил многупати на двете страни од равенката.
Имавме и среќа со тајмингот. На Luna/TBWA ѝ требаше соработка за Аргета, најпрво во Македонија, а откако се покажавме и во Косово. Оттаму тргна нешто што растеше чекор по чекор, додека на 1 јануари 2021 не го потпишавме договорот за стратешко партнерство. Оттогаш BDG е партнер на Luna/TBWA за Македонија, Косово и Албанија, а со тоа и дел од екосистемот на TBWA и од Omnicom Group, најголемата адвертајзинг мрежа во светот.
Заедно освоивме и повеќе регионални клиенти. Најзвучното име е NLB Банка, за која неодамна во Македонија направивме исклучително вирална тизер кампања за мКлик, со „Миле чекачот“ која секој ми зборува дека е вистински хит. Идеја родена на мојот лап-топ во Скопје, која лесно може да се најде на сите пазари на кои работи најголемата регионална банка за која имаме привилегија да работиме. Ајде сега да го заокружиме целиот муабет за повратот на инвестиција на она „кафе после панел“:
- Прво, довербата се гради пред да ти затреба. Еден меил од човек што те познава вреди повеќе од сто презентации.
- Второ, големите партнерства започнуваат полека. Со еден проект, еден клиент, еден пазар, една мала шанса да се покажеш.
- Трето, мал пазар значи дека светот не доаѓа кај тебе. Ти одиш кај светот и се бориш за столче на масата.
Договорот се потпишува за еден ден, а довербата за истиот се гради со години, честопати на пат.
Економија и бизнис, 15 октомври 2026








