ОРМУСКАТА ТЕСНИНА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА ДО КРАЈОТ НА МАЈ, САД ПОСЕГНУВА ПО СТРАТЕШКИТЕ РЕЗЕРВИ НА НАФТА

Американската агенција за енергетски информации (EIA) денес процени дека Ормуската Теснина ќе биде ефикасно затворена до крајот на мај и дека сообраќајот преку таа стратешка рута постепено ќе се обнови дури од следниот месец, што ја натера да ги зголеми своите прогнози за цените на моторните горива во Соединетите Американски Држави (САД).

Според очекувањата на EIA, малопродажните цени на бензинот во САД ќе бидат во просек 3,88 долари за галон оваа година, што е за околу 18 центи повисоко од претходната прогноза објавена во април.

Агенцијата не очекува сообраќајот низ преминот, преку кој се транспортирала една петтина од глобалните залихи на нафта пред војната меѓу САД и Израел, да се врати на нивоата пред конфликтот пред крајот на оваа година.

Соединетите Американски Држави ќе позајмат 53,3 милиони барели нафта од своите Стратешки резерви на нафта  на енергетските компании за да го стабилизираат пазарот по наглиот пораст на цените на горивата поради геополитичките тензии.

Одлуката ја објави американската администрација, наведувајќи дека е дел од поширок меѓународен договор со повеќе од 30 земји, координиран преку Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), со цел ублажување на нарушувањата на глобалниот пазар на нафта.

Според податоците од Министерството за енергетика на САД, моментално има околу 384 милиони барели, што е значително под максималниот капацитет и претставува количина што би ја покрила глобалната потрошувачка на нафта за само неколку дена.

Аналитичарите проценуваат дека целта на оваа мерка е да се смират цените на горивата на краток рок, кои достигнаа највисоки нивоа од 2022 година, но предупредуваат дека долгорочните ефекти зависат од геополитичките тензии на Блискиот Исток, пренесува Б92.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано