Општина Богданци со тридневна програма од утре до недела ќе ја одбележи 30 годишнината од нејзиното постоење и 82 години од ослободувањето на градот.
Програмата започнува в петок од 9 часот со спортска манифестација во Градскиот парк и во спортската сала на средното училиште. Во 17.30 часот истиот ден е закажано поетско читање и доделување награди во просториите на ЈОУДК „Бранд Петрушев”, додека од 19 часот ќе се одржи четвртиот меѓународен фолклорен фестивал „Разиграни младости”, во спортската сала „Млаз”.
Во сабота ќе биде свечената академија по повод ослободувањето на Богданци, а вечерта од 20.30 часот во Градскиот парк ќе има музичка програма за посетителите.
Програмата завршува в недела, со Фестивалот на улична храна во чии рамки ќе се вари слатко од смокви, ќе се организира ликовна работилница на отворено, а од 18.30 часот е закажан футсал натпревар меѓу општините Богданци и Калиновац, во спортската сала во Стојаково.
Извор/фото МИА








