Никој немаше поголеми очекувања од канцеларството на Фридрих Мерц од германската бизнис заедница. Сепак, почетната еуфорија денес е заменета со горчливо разочарување.
Кога Фридрих Мерц стапи на функцијата во мај 2025 година, управните одбори на големите компании беа исполнети со надеж. Лидерот на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) вети ништо помалку од „економски пресврт“. Под негово водство, како што изјави, на секоја политичка одлука ќе и претходи прашањето: дали тоа ќе ја зајакне конкурентноста на германската економија?
Како кандидат за канцелар, Мерц најавуваше дека Германија ќе се оттргне од, како што рече, „левичарските политики“ и по преземањето на функцијата повика на поголема економска ефикасност.
„Нема да можеме да го одржиме просперитетот на оваа земја ако се потпираме само на четиридневна работна недела и рамнотежа меѓу работа и приватен живот“, изјави тој.
Од економска перспектива, Мерц не ги исполни очекувањата во првата година од мандатот и реализира мал дел од амбициозните ветувања.
Сојузот на германската индустрија оцени дека „речиси ниту една од итно потребните структурни реформи не е спроведена“ и дека нема сеопфатен план за мерки што би го поттикнале растот и конкурентноста. Дополнително, се предупредува дека позицијата на Германија како индустриски центар е „под егзистенцијална закана“.
Асоцијацијата на германските стопански комори, која ги претставува пред сè малите и средни претпријатија, наведува дека Германија денес се перципира како земја со сложена и скапа бирократија, додека во други држави условите за инвестиции и иновации се значително поповолни.
Претседателот на Германската занаетчиска конфедерација, Јерг Дитрих, во медиумски настапи говори за „фрустрација од реформите наместо економско закрепнување“. Оптоварувањето во секојдневното работење не е намалено, туку во одредени случаи дури и зголемено.
Една година по формирањето на владата, очекувањата за економски подем се претворија во „видливо разочарување и јасна фрустрација“ во економскиот сектор.
Во меѓувреме, бројот на банкроти во Германија достигна ниво какво што не е забележано од времето по финансиската и економската криза пред повеќе од една деценија.
Истражувањата на институтот „Ифо“ покажуваат дека довербата кај бизнис-заедницата опаѓа во сите сектори. Очекувањата се песимистички, делумно поради војната во Иран и кризата на Блискиот Исток. Цените на нафтата остануваат високи, авионското гориво станува дефицитарно, а блокадата на Ормуската Теснина создава проблеми во снабдувањето и го забрзува растот на инфлацијата. Надежите за брз економски пресврт засега се изгубени, се наведува во пошироката анализа на Дојче веле.
Фото Економија и бизнис







