ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ИЗРЕЧЕНИ 120.000 СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ, министерот Тошковски задоволен од сработеното во две години

Камерите од проектот „Безбеден град“ за пет месеци регистрирале 120.000 сообраќајни прекршоци. Ова денеска го кажа Панче Тошковски на отчетот за неговото двегодишно раководење со Министерството за внатрешни работи.

„Од 1 февруари, кога стартуваше примената на ‘Безбеден град‘, регистрирано е намалување на сообраќајните несреќи за околу 40 проценти, односно загинале 34 лица, наспроти 55 за истиот период лани. До 22 јуни 2026, преку камерите се регистрирани 120.000 прекршоци, од кои 95 проценти се за пречекорување на дозволената брзина“, рече Тошковски.

Камери од проектот „Безбеден град“ има во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10. Тошковски најави дека до крајот на годинава проектот ќе биде целосно имплементиран низ целата држава, опфаќајќи ги поголемите градови и патни правци.

Во отчетот за сработеното, Тошковски рече дека земјава има најниско ниво на криминалитет од последните 20 години, при што ефикасноста е зголемена на 69% и значително е зголемено откривањето сторители.

„Откриени се повеќе од 30 организирани криминални групи. Во областа на корупцијата, сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 поединци и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000“, рече Тошковски.

Македонија денес има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години. Бележиме намалување на вкупниот криминалитет. Постигната е вкупна ефикасност од 69 проценти, а значително е зголемен и бројот на откриени сторители. Овие резултати се потврда за посветената работа на полициските службеници, подобрената координација и навременото постапување на терен. Особено значајни се резултатите во борбата против организираниот криминал. Сузбиени се над 30 организирани криминални групи, кои дејствувале во различни области – од недозволена трговија со дрога и корупција, до криумчарење мигранти, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари, трговија со луѓе и други тешки облици на криминал. Зад овие бројки стојат пресечени криминални канали, спречени незаконски активности и испратена јасна порака дека никој не е над законот и дека институциите имаат капацитет да се справат со најсериозните безбедносни предизвици – рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во отчетот за сработеното во изминатите две години.

И во областа на корупцијата, напомена Тошковски, се постигнати значајни резултати. Бројот на сузбиени организирани криминални групи со коруптивно делување е зголемен за 50 проценти. Сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000, што претставува значителен пораст во однос на претходниот период. Со овие постапувања беа прекинати незаконски практики и коруптивни активности во повеќе области од особено значење за граѓаните и државата.

Видливи резултати, според него, се постигнати и во борбата против недозволената трговија со дрога. Сузбиени се 11 организирани криминални групи, спречени се девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а откриени се и три импровизирани лаборатории. Откриени се над 1.600 кривични дела, со пријавени околу 1.900 сторители, додека запленети се околу 6,2 тони разновидна наркотична дрога. Особено значајно, додаде, е тоа што заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300 проценти, што укажува на зајакнатите капацитети за откривање и спречување на меѓународните канали за трговија со дрога.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано