Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава, во периодот јануари – август годинава, изнесува 5 738.7 милиони евра и бележи пораст од 8.7 % во однос на истиот период лани. Вредноста на увезената стока, пак, изнесува 8 153.8 милиони евра, што е за 7.9 % повеќе во споредба со истиот период од 2025 година, соопшти Државниот завод за статистика.
Во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и други моторни возила за превоз на лица.
Во периодот јануари – август 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 49.7 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58.5 % во вкупната размена.
Обемот на вкупната размена изразен во евра во периодот јануари-август 2026 во однос на истиот период лани најмногу се намалил со Бугарија (-10,7 отсто) и Турција (-1,9 отсто), а највисок пораст е забележан со Велика Британија (+ 43,8 отсто), Полска (+35,5 отсто) и со Грција (+34,6 отсто).
Фото Економија и бизнис








