Кочо Стојчески, сопственик на хотелски капацитети во Крушево
Со Ски-центар „Панорама“ започнавме со работа во 2019 година. Инвестирано е во изградба на нов ресторан-бар и направивме израмнување на постоеките ски-патеки, а оваа сезона поставивме детски ски-лифт за најмалите скијачи ученици. За да ја направиме дестинацијата интересна за гостите во текот на целата година, изградивме адреналински парк (три адреналински патеки со различна тежина за поминување, адреналинска сајла за спуштање, вештачка карпа, детска пирамида и меѓу најбараните картинг колички). Заедно со стручен тим на швајцарски експерти од компанијата GFC Sports Management AG/Allegra Tourismus и помогнати од швајцарската Програма ИМЕ, согласно меѓународните стандарди за развивање на велосипедски патеки, мапиравме 40 км велосипедски патеки. Како резултат на ова, во 2022 година започнавме со организација на велосипедски трки во соработка со Велосипедската федерација на Македонија. Понудата во градот ја збогативме и со отворањето на Винскиот клуб „Винум“. Нашите хотели во 2025 година ги посетиле околу 20 000 домашни и странски туристи, што е доказ дека Крушево со проширената понуда станува примамлива дестинација.
Во делот за одржлив туризам, нашето „патување“ започна пред точно една година со започнување на сертификацијата за стандардот Good Travel Seal во рамките на организацијата Green Destination со посета на области и на бизниси кои се веќе сертифицирани во Словенија. Нашите заложби во поддршката на локалната заедница, во заштитата на животната средина и во зачувување на културните традиции на нашиот град, како и постојаната грижа за сигурноста и за безбедноста на нашите гости и вработени ни овозможија да сме член во семејството на Good Travel Seal . Ова е подологорочен, детален и сеопфатен процес кој влијае, пред сѐ, на нашиот менталитет и разбирање на зелените практики во бизнисот, како и на придобивките од економски аспект. Покрај поголемите инвестиците кои ги реализираме, како „паметни“ системи и фотоволтаици, ги подобривме и нашите интерни процеси, потпишавме договор со Пакомак за селектирање и за собирање на отпад од стакло и од пластика во нашите објекти, а овозможивме и поддршка на туристичките чинители преку обуки за одржлив туризам заедно со нашите партнери.





