Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека бројката на новопријавени случаи од епидемијата во Гостивар изнесува 109, како и дека е одреден засилен надзор за постакутната фаза од епидемијата, со која ќе се следат заразните болести што може да се јават.
– Со денешниот ден во Гостивар има 109 нови први контакти, бројката се движи од 80 до 125 во последните четири дена, со тоа што во овој момент не можеме да кажеме колку е тоа редовна состојба, колку е поврзана со епидемијата. За да го направиме тоа, мора да имаме епидемиолошки анкети – рече Клековски денеска на прес-конференција.
Просечно во изминатите 10 години во Гостивар во јули имало по 25 извештаи за заразни болести и, како што укажа, во еден момент ќе мора да почнеме да раздвојуваме што е редовна состојба, а што е поврзано со епидемијата.
Бројот на формални пријави, дополни тој, во моментот е 869, од кои анкетирани се 602 лица. Апелира да продолжи соработката со здравствените власти за да може да се следат состојбите.
– Како што акутната фаза на епидемијата во Гостивар е во смирување, во консултација со Комисијата за заразни болести решивме да одредиме засилен надзор за постакутната фаза – рече Клековски.
Тој упати повик до матичните лекари и до здравствените институции во Гостивар фокусот да го стават на следните предизвици, пред сè, следење хепатитис А и Е, но и други заразни болести што може да се јават, како што вели, „на опашката на гостиварската епидемија“.
– Ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи, матичните лекари, а ќе бидат дадени насоки за комуникација со населението. Клучно е да има рано препознавање за да може здравствените установи да реагираат соодветно. Здравствените установи се подготвени во смисла на капацитет за тестирање – рече Клековски.
Според него, паралелно продолжуваат напорите за анализа на текот на епидемијата, при што се анализираат два системи. Едниот, појасни, е за известување за заразни болести, според кој сегашната состојба е 869, а од друга страна, ги анализираат сите податоци во „Мој термин“ поврзани со соодветни дијагнози, условно кажано, ентероколити и поврзани дијагнози, без разлика дали биле известени како случај на заразна болест.
– Го опфаќаме периодот од 1 јуни наваму, со тоа што имаме споредбени податоци за просекот во минатите 12 години од кога имаме архивски податоци за следењето на состојбите. Сето тоа ќе ни овозможи да отвориме втора фаза – процена или евалуација на она што се случуваше за да го евалуираме текот на настаните и како реагирал системот. Во тоа ќе влеземе објективно и непристрасно и за сите детали ќе комуницираме – најави Клековски.
Водата во Гостивар ќе може повторно да се користи за пиење кога ќе има три последователни негативни тестови од испитаните примероци. Ова денеска го изјави министерот за здравство Сашо Клековски, кој рече дека според прописите не постои „техничка вода“ и дека тоа е термин што најчесто го користат јавните комунални претпријатија.
– Постои класификација на водата од прва до петта категорија. Водата од прва категорија е погодна за лична употреба без третман, додека кај петтата категорија со ниту еден третман не може да ја оспособите за каква било употреба, вклучително и за наводнување во земјоделството. Според експертите за хигиена, вода за употреба е онаа што може да се консумира, односно да се внесе во дигестивниот тракт, вклучително и преку храна, како миење салати, а нетермичка обработка на храна претставува ризик. Се што е надвор од тоа може да се употребува за лична хигиена и за други цели, рече Клековски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата по повод актуелната епидемиолошка состојба.
Toj појасни дека за сите останати намени, како лична хигиена и други технички потреби, водата може да се користи.
– Значи, она што вчера беше искомуницирано од Управувачкиот комитет е дека водата во моментов може да се користи за други цели освен да се внесува во телото и да се користи за третман на храна која не е термички обработена, потенцира Клековски.
Во врска со тоа дали таа вода може да се користи за наводнување, рече дека со вода од водовод не би требало да се врши наводнување.
Извор/фото МИА








