Недостиг на работна сила? Флексибилното работно ангажирање станува клучна можност за раст на бизнисите

Законот за работно ангажирање на лица носи поедноставени процедури, намалени административни трошоци и поголема оперативна флексибилност за компаниите.
Недостиг на работна сила

Во услови на динамичен пазар и сè поизразен недостиг на работна сила, новиот Закон за работно ангажирање на лица претставува практично и навремено решение за бизнисите. Законот овозможува поедноставен, флексибилен и законски усогласен модел за ангажирање, со кој компаниите можат брзо да одговорат на сезонските и повремените потреби.

Особено значаен е за секторите земјоделство, туризам, угостителство и услуги во домаќинството, каде потребата од работна сила варира и често бара брза реакција. Со новото законско решение, бизнисите добиваат алатка што директно влијае врз нивната ефикасност и конкурентност.

Една од клучните предности е значителното поедноставување на административните процедури. Работодавачите можат во неколку чекори да пријават и одјават ангажирани лица, со што се намалуваат трошоците и времето за управување со човечките ресурси и се овозможува поголем фокус на основната деловна активност.

Дополнителна вредност носи дигиталната платформа https://e-rabota.av.gov.mk/, која овозможува целосно електронско управување со процесот на ангажирање. Преку неа, работодавачите можат лесно да регистрираат ангажмани, да водат прецизна евиденција и да ги исполнуваат законските и финансиските обврски – без сложени процедури, потпишување договори, огласување или административни бариери. Ова значи поголема транспарентност, контрола и сигурност во работењето.

Законот овозможува пристап до поширока база на работна сила, вклучително студенти, пензионери и лица кои веќе се во работен однос, со што компаниите добиваат поголема флексибилност во организацијата на работните процеси и побрзо пополнување на кадровските потреби. Со новото решение се отвора можност за формално ангажирање на поширок круг граѓани, овозможувајќи им да остварат дополнителен приход без да ги загубат правата од социјална и здравствена заштита, вклучително и правото на стипендија и пензија.

Со јасно дефинирани правила и обврски, се намалуваат ризиците од неформално ангажирање и се создава постабилна и попредвидлива деловна средина – клучен предуслов за одржлив раст.

Со ова законско решение се поставуваат темелите за модернизација на пазарот на труд и зајакнување на конкурентноста на бизнис секторот, преку механизми кои директно одговараат на реалните потреби на компаниите.

За повеќе информации за можностите и постапката за работно ангажирање, посетете: https://av.gov.mk/rabotno-angaziranje-na-lica.nspx


Дополнително, ве покануваме на информативна сесија која ќе се одржи на 2 април во 14:00 часот, во Конгресниот центар во Занаетчиски дом во Куманово, каде ќе бидат презентирани практичните аспекти и придобивките од примената на законот.

ФЕР АНГАЖМАН – побрзо, поедноставно и посигурно решение за современ бизнис.

За најнови информации, активности и корисни содржини, следете ги каналите на Центарот за истражување и креирање политики:
https://www.facebook.com/crpm.org.mk
https://www.instagram.com/crpm.mk/

Повеќе од истиот автор

Најчитано