Новиот министер за транспорт и инвестиции на Унгарија, Давид Витези, изјави дека се забележани бројни проблеми во проектот за железницата Белград-Будимпешта.
Тој во парламентот рече дека се поставува прашањето дали Унгарија и Србија навистина успеале да го насочат развојот на железничката врска меѓу Белград и Будимпешта на правилен начин, објавува Данас.
„Одговорот е веројатно негативен. Доволно е да се погледне поврзувањето на важни сообраќајни јазли како што се Меѓународниот аеродром Будимпешта, Кечкемет и Сегед. Исто така, потребно е да се побара мислење од надлежните институции и да се обезбеди целосна транспарентност“, нагласи Витези.
Според унгарскиот министер, треба да се побара дозвола од кинеските власти договорите, нивните измени и целата придружна документација да бидат јавно достапни, како и податоците за трошоците и фактурите.
„Ситуацијата сè уште не е целосно решена. Иако завршувањето на железничките работи е одложено поради одредени проблеми, бројни технички и безбедносни прашања остануваат отворени. Како што веќе споменавме, системите за осигурување и управување со железничкиот сообраќај сè уште не се целосно оперативни“, откри Витези.
Тој додаде дека во моментов се спроведуваат дополнителни тестови и проверки кои се неопходни за системот безбедно да работи.
Тие процедури сè уште не се завршени, што предизвикува дополнителни одложувања, рече тој.
„Сигурно е дека системот не може да се стави во функција, ниту може целосно да се плати, сè додека не се докаже дека ги исполнува сите пропишани безбедносни стандарди“, рече Витези.
Фото Економија и бизнис








