НАЈМАЛКУ 12 ЛИЦА ЗАГИНАА ВО ШУМСКИ ПОЖАР ПО ПАД НА ДАЛНОВОД ПРЕДИЗВИКАН ОД ТОПЛОТЕН БРАН ВО ШПАНИЈА

Нaјмалку 12 лица загинаа во шумски пожар во близина на Лос Гаљардос во југоисточниот шпански регион Алмерија, потврди регионалната влада на Андалузија. Шест други лица се повредени. Пожарот избувнал во средината на долготрајниот топлотен бран што ја зафати јужна Европа, јавува Би-Би-Си.

Некои од жртвите биле пронајдени во возила зафатени од пламен. Сведоците рекле дека пожарот бил предизвикан од паднат далновод, кој брзо се проширил во блиската шума. Властите сè уште официјално не ја потврдиле причината.

Температури од околу 40 степени Целзиусови предизвикаа шумски пожари во неколку земји. Стотици пожарникари се борат со големи пожари во Франција, Португалија и Шпанија, а илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.

„Бројот на жртви од пожарот во Лос Гаљардос се искачи на 12 откако беа потврдени уште шест смртни случаи“, се вели во соопштението на регионалната влада на Андалузија.

Претседателот на регионалната влада, Хуанма Морено, ги нарече смртните случаи „трагедија“.

Шпанија ја забележа својата највисока дневна просечна температура во јуни од 1950 година, како и најжешките денови некогаш регистрирани за месецот. Во некои делови од земјата се предвидуваат температури до 42 степени Целзиусови.

Климатските промени предизвикуваат зголемување на температурите низ целиот свет. Според климатската служба Коперникус, Европа е континентот што се затоплува најбрзо, двојно побрзо од глобалниот просек. Ова води до почести летни топлотни бранови, поголем притисок врз водоснабдувањето и поинтензивни шумски пожари.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано