Најбогатите 0,1 процент од американските домаќинства поседуваат 25,07 трилиони долари, речиси шест пати повеќе од вкупното богатство на посиромашната половина од населението на САД. Извршниот директор на најголемата банка во Америка, Џејми Дајмон, признава дека граѓаните со пониски приходи се оставени зад остатокот од општеството со децении.
Долните 50 проценти од американските домаќинства поседуваат само 4,27 трилиони долари од приближно 174 трилиони долари вкупно нето богатство во Соединетите Американски Држави.
Во исто време, само најбогатите 0,1 процент поседуваат 25,07 илјади милијарди долари, додека домаќинствата што се помеѓу 99 и 99,9 проценти контролираат речиси уште 30 илјади милијарди долари.
Најновите податоци од Федералните резерви на САД, кои се однесуваат на првиот квартал од 2026 година, покажуваат дека долната половина од домаќинствата поседува само 2,5 проценти од вкупното богатство. За разлика од нив, најбогатиот еден процент контролира 31,6 проценти, или околу 55 илјади милијарди долари.
Јазот би можел дополнително да се прошири благодарение на растот на вредноста на технолошките компании и инвестицискиот бран поврзан со вештачката интелигенција.
Богатите домаќинства веќе поседуваат поголем дел од акциите, инвестициските фондови и другите финансиски инструменти. Затоа растот на берзанските индекси го зголемува нивното богатство многу побрзо од средствата на просечното семејство, чии главни ресурси се обично недвижности, заработка и пензиски заштеди.
Извршниот директор на JPMorgan Chase, Џејми Дајмон, еден од најмоќните луѓе на Волстрит, вели дека разбира зошто расте јавното расположение кое би можело да се опише како „антибогатaшко“.
Дајмон ги потсети побогатите Американци дека тие генерално не мора да се грижат за квалитетот на училиштата што ги посетуваат нивните деца, безбедноста на населбите или достапноста на работни места.
Ситуацијата е различна за семејствата во сиромашните рурални области и запоставените делови од големите градови.
„Ако имате пониски приходи и живеете во сиромашна рурална област или сиромашна урбана населба, училиштата не се добри, населбите се оптоварени со криминал, има помалку работни места и повеќе разводи. Проблемот станува меѓугенерациски. Мораме да го препознаеме тоа и да се обидеме да го решиме“, рече Димон.
Директорот на најголемата американска банка оцени дека животниот стандард на мнозинството жители е сè уште повисок денес отколку во текот на шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, пренесува Инвеститор.ме.
Фото Економија и бизнис








