Град Скопје соопшти дека од денеска Јавното претпријатие за државни патишта започнува со реконструкција на главниот мост над Маркова Река во скопската населба Драчево.
Поради изведувањето на градежните работи, во наредниот период може да има отежнато одвивање на сообраќајот, па од Град Скопје замолуваат за трпение, разбирање и почитување на сообраќајниот ред.
– Реконструкцијата на мостот е значаен чекор кон подобрување на инфраструктурата и безбедноста за сите граѓани – потенцираат од Град Скопје.
Жителите од населбата Драчево и од општините Студеничани и Зелениково подолго време се соочуваат со сообраќајни проблеми на патувањето до работните места и до своите домови. Поради градежните работи принудени се да возат на нерамен земјен пат, што создава долги колони возила на патот за Драчево, по завршувањето на работното време.
Од утрово почна и реконструкцијата на мостот на Маркова Река, што дополнително го забавува одвивањето на сообраќајот. Поради непочитување на светлосната сигнализација (семафорот) пропуштањето на возилата се одвиваше со физичка регулација од градежните работници.
Фото МИА








