Македонија сака да биде дел од Европската Унија и на тој пат направивме многу отстапки, кои, според бирократите од Брисел и од целиот свет, требаше да бидат последното нешто што го направивме, но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа – истакнува премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Брајтбарт њуз“ (Breitbart News).
Мицкоски членството во ЕУ го опиша како втора клучна цел по стратешкото партнерство со САД.
– Да се биде дел од ЕУ е добро од многу причини за мојата земја и за граѓаните на мојата земја. Зошто? Бидејќи зборуваме за зголемување на безбедноста и зголемување на отпорноста на регионот во целина. Нашето патување го почнавме пред две и пол децении. Беше 2000 година кога потпишавме договор за стабилизација и асоцијација со Европската Унија. Потоа, заедно со Хрватска во 2005 година, официјално станавме земји-кандидатки за членство во ЕУ. Во 2008 година, од Европската комисија, го добивме првиот позитивен извештај за започнување на преговорите, но за жал оттогаш започнаа нашите пречки и предизвици. Значи, практично, прво беше спорот за името со нашиот јужен сосед Грција, а сега имаме спор со нашиот источен сосед Бугарија, и сите тие спорови се некако поврзани со нашиот идентитет, вели Мицкоски.
Посочува дека земјата се соочи со многу предизвици откако стана независна држава од поранешна Југославија.
– Ако се вратиме пред три и пол децении, морам да истакнам неколку многу важни факти. Го сменивме нашето знаме. Ја сменивме нашата валута. Во меѓувреме, го сменивме нашиот устав двапати и конечно го сменивме нашето уставно име. Според многу, би рекол, бирократи од Брисел и од целиот свет, тоа требаше да биде последното нешто што го направивме. Но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа. Веднаш по промената на нашиот устав, францускиот претседател Макрон стави вето. Тој побара промена на методологијата на преговорите, а кога новата методологија за преговори беше прилагодена, тогаш, за жал, нашиот источен сосед се појави на сцената и побара од нас да го промениме нашиот устав. Значи, практично, сега сме во многу, би рекол, критична ситуација и многу смешна ситуација. Во една мултилатерална организација, ние сме сојузници со Бугарија, со нашиот источен сосед. Зборувам за НАТО. А во друга мултилатерална организација, Европската Унија, ги имаме истите сојузници од НАТО кои ни наметнуваат ограничувања и наметнуваат вето, што не е многу, би рекол, пријателски гест, изјави Мицкоски.
Тоа, според него, се двојни стандарди во самата ЕУ, која како што вели, не може да разбере и дека нашето членство во Унијата е стратешко и за НАТО.
– Тие го ослабуваат јужното и источното крило на НАТО со тоа што нè ограничуваат да станеме дел од ЕУ, бидејќи колку е економски многу посилна мојата земја, толку е поотпорно источниот крило на НАТО – и ќе можеме многу побрзо да ги модернизираме нашите вооружени сили и да инвестираме повеќе во коридорите кои се важни за логистичките цели на НАТО. Значи, постојат многу причини зошто треба да бидеме дел од ЕУ, и ова е причината плус Соединетите Американски Држави и администрацијата на претседателот Трамп да нè поддржат, нагласува Мицкоски во екслузивното интервју за „Брајтбарт њуз“.
извор МИА








