Македонското еколошко друштво ќе биде домаќин на деветтата средба на „Еуролинкс“ – европска научна иницијатива за евроазискиот рис

Бројни странски и регионални проучувачи на рисот во Европа ќе се сретнат во Вевчани, каде што од 12 до 14 октомври ќе се случува деветтата средба на „Еуролинкс“ во организација на Македонското еколошко друштво.

„Еуролинкс“ (EUROLYNX) претставува европска научна иницијатива за споделување податоци и знаење за екологијата на движењето на евроазискиот рис, основана во 2018 година. Замислена како просторна база на податоци, „Еуролинкс“ ги чува податоците за евроазискиот рис (Lynx lynx) што засега ги споделуваат 42 групи од 19 земји. Меѓу нив е и Македонското еколошко друштво (МЕД) кое преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис веќе 20 години работи на зачувување на овој загрозен подвид на евроазискиот рис. 

„‘Еуролинкс‘ е платформа што спојува научници од Европа со иста пасија и научна цел – проучување на рисот. Ова е прилика да се споделат новите истражувања од областа и да се остварат соработки од поголеми размери, со фокус на цели популации на рисот. Така значително се збогатуваат сознанијата и се стекнува подетална слика за трендовите и поврзаностите меѓу популациите на континентално ниво. Средбата е од затворен карактер и е наменета само за членовите на ‘Еуролинкс‘. Тоа што МЕД е домаќин на ваков настан е афирмација на нашата долгогодишна научноистражувачка работа, но и признание од научната фела дека нашата организација е дел од една поголема заедница на научници“, вели Александар Павлов, биолог кој е во тимот на МЕД што работи на закрепнување на балканскиот рис.

Податоците што се достапни преку овој отворен информациски систем овозможуваат да се истражи однесувањето на рисот во неговите живеалишта и да се евидентира како неговите популации реагираат на промена на живеалиштата, разни човекови активности, густината на пленот или методите на одгледување добиток. Со оглед на тоа што ваквите теренски поткрепени информации пристигнуваат од повеќе земји, „Еуролинкс“ дава одлична основа за компаративни теориски и применети истражувања за однесувањето и екологијата на рисот на европско ниво. Евроазискиот рис е голем грабливец од семејството на мачките (Felidae) и е најголем од шесте вида во родот Lynx. Благодарение на неговиот широк ареал и стабилните популации низ Евроазија, на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата спаѓа во категоријата „најмала загриженост“ (LC). Меѓутоа, одредени изолирани популации во Централна Европа поединечно се сметаат за загрозени, како што е и популацијата на балканскиот рис која денес населува мала површина од Балканскиот Полуостров. Иако евроазискиот рис се вратил во некои од своите историски живеалишта, сепак не е имун на човековите активности. Меѓу најсериозните закани за него се криволовот, губењето и фрагментацијата на живеалиштата и вкрстувањето меѓу блиски сродници во многу мали популации во Централна Европа, што доведува до генетско ослабување на популациите.

Повеќе од истиот автор

Најчитано