МАЈСКАТА ИНФЛАЦИЈА ВО ЕВРОЗОНАТА НАЈВИСОКА ОД СЕПТЕМВРИ 2023 ГОДИНА, енергијата поскапела над 10 отсто

Годишната стапка на инфлација во еврозоната, мерена според Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), во мај изнесуваше 3,2 проценти, пресметаа статистичарите, и беше највисока од септември 2023 година.

Во април, таа изнесуваше 3,1 процент, според ревидираните податоци на Евростат.

Ова значи дека растот на потрошувачките цени оваа пролет се оддалечи уште повеќе од целното ниво на Европската централна банка (ЕЦБ), кое ја дефинира стабилноста на цените како стапка на инфлација од два проценти.

Цените на енергијата, исто така, пораснаа убедливо најсилно во мај, за 10,9 проценти во споредба со истиот месец минатата година, малку посилно отколку во април, кога нивната стапка на раст влезе во двоцифрена територија за прв пат од февруари 2023 година, според податоците на Европскиот завод за статистика.

Свежата храна следи со зголемување на цените од 4,2 проценти во споредба со минатиот мај, значително поблаго отколку во април кога порасна за 4,7 проценти.

Растот на цените на услугите значително се забрза, од 3,0 проценти во април на 3,5 проценти, според прелиминарните пресметки на европските статистичари.

Со исклучок на енергијата и свежата храна, инфлацијата во мај изнесуваше 2,3 проценти. Во април таа изнесуваше 2,1 процент.

Сепак, месечната споредба покажува стабилизација на цените во мај, со стапка на раст од 0,1 процент. Во април тие скокнаа за 1,0 процент на месечна основа.

Стабилизацијата во мај одразува промена во трендот на цените на енергијата, кои паднаа за 1,1 процент на месечна основа во мај, по скокот од 3,0 проценти во претходниот месец.

Цените на свежата храна се зголемија за само 0,2 проценти во споредба со април, кога нивните цени се зголемија за 1,1 процент.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано