ЛИЧНИТЕ ДОКУМЕНТИ, ЛИЧНА КАРТА И ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА ЌЕ МОЖАТ ДА СЕ ИМААТ И ВО МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН, мобилната апликација „м.Услуги“ достапна од 28 октомври, безбедна и бесплатна за користење

На 28 октомври ќе биде официјално промовирана мобилната апликација „м. Услуги“ на која граѓаните ќе имаат можност да ги имаат своите лични документи како лична карта и возачка дозвола во електронска форма на својот мобилен телефон. 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека апликацијата е безбедна и бесплатна за користење, но не и задолжителна. 

– Ова е првиот чекор кон дигитален паричник. Бесплатна е за користење и за симнување. Не е задолжителна, не мора секој да ја симне, но ќе нуди низа погодности што граѓаните и досега требаше да ги користат како алатки и апликации – изјави вечерва Андоновски за дневникот на Македонската телевизија. 

Апликацијата веќе се тестира и во финална фаза е. Според Андоновски, ќе биде лесна и за користење. 

– Разговараме со Google Play и Apple Play. Ќе биде достапна за сите корисници на мобилни уреди во Македонија со едноставно внесување на личните податоци, од Услуги.мк ќе се повлечат податоците, а со внесување на бројот на личната карта ќе се повлече и личната карта. Целосно безбедна апликација – појасни Андоновски. 

Во однос на најавите за „роаминг како дома“ во земјите од Европската Унија, министерот Андоновски посочи дека веќе е стигнат предлог текстот на договорот и испратен до институциите во земјава кои доколку имаат забелешки треба да ги испратат до крајот на оваа недела. Андоновски очекува до почетокот на 2027 година да биде заокружен делот околу договорот.  

– Го добивме Предлог текстот на договорот пред неколку дена. Веќе го споделивме со колегите од неколку министерства да дадат свое мислење и од овој момент официјално почнуваат преговорите по основ на текстот. Дадов краток рок до крајот на неделата да имам фидбек од институциите и  веќе од следната недела да подготвуваме забелешки од Македонија кон Европската комисија, а потоа влегуваме во разговори со Европската комисија. Очекувам тоа да се интензивира во текот на есента и да го имаме договорот на почетокот на 2027 година – изјави Андоновски за дневникот на Македонската телевизија.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано