Кризен штаб во Гостивар: Се бара начин за достава на техничка вода со цистерни, поддршка и од полошките општини

Кризен штаб во Гостивар

Кризниот штаб формиран за справување со состојбата во Гостивар по епидемијата ги започна првите активности за обезбедување техничка вода за граѓаните. На состанокот на градоначалниците од Полошкиот регион присуствуваше и претставникот на Централниот кризен штаб, Горан Савовски, кој побара информации за расположливите ресурси и капацитети на општините.

– Денешниов состанок беше свикан за да видиме кој со какви ресурси од општините располага, да формираме еден мини кризен штаб на подрачјето на Општина Гостивар, луѓе што ќе ги прифаќаат тие ресурси, паралелно ќе ги дистрибуираат, ќе се распоредат во градот во делот на водоснабдување на граѓаните- рече Савовски.

Во обезбедувањето на вода ќе бидат вклучени Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Македонија, кои ќе стават на располагање цистерни за техничка вода и специјални садови што ќе бидат поставени на  пет-шест локации во Гостивар.

Се разгледува можноста вода да се полни во соседната општина Маврово и Ростуше. Засега има најава за помош со цистерни од Куманово, Скопје, Кавадарци.

– Во поглед на средување на состојбата со водоводот, на вчерашниот состанок со градоначалникот е договорена помош од ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје. Таму, сепак имаат експерти што треба да утврдат и да кажат кој е начинот и која е постапката за најбрзо решавање на овој проблем што се појави- рече Савовски.

Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, оцени дека здравствената состојба постепено се стабилизира. Тој посочи дека бројот на пациенти кои побарале медицинска помош во гостиварската болница значително се намалува, што, според него, укажува дека епидемијата почнува да стивнува.

– Почнувајќи од бројот на пациентите кои побарале помош во гостиварската болница, кој драстично се намалува. Вчера, на 21-ви, дополнително се намали бројот на пациенти кои побарале помош во здравствените установи, што покажува дека постепено оваа епидемија почнува да се смирува, рече градоначалникот Лимани по состанокот.

Тој кажа дека за проблемот со вода за пиење и за секојдневна употреба, се решавал во соработка со останатите колеги од Полошкиот регион, но и од други општини кои се јавиле и излегле во пресрет.

Лимани посочи дека по прогласувањето на состојба на ниво на општината, беше формиран и Централниот кризен штаб, кој раководи со активности за справување со епидемијата и намалување на штетите.

Претседателот на Полошкиот плански регион и градоначалник на Општина Желино, Блерим Сејдиу, изјави дека сите расположливи ресурси ќе бидат ставени во функција, вклучително и механизација, цистерни со техничка и вода за пиење, како и друга неопходна логистика.

– Врз основа на потребите и извештаите доколку така ќе постапуваме. Најважно е дека сме со Гостивар и дека сме во 24-часовна готовност заедно со сите општини, со цел да им помогнеме на граѓаните, рече градоначалникот Сејдиу.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано