Коридорот 8 е стратешки европски коридор што ги поврзува Јадранското и Црното Море, пазарите, економиите и луѓето, а неговата реализација е од заеднички интерес за Македонија, Бугарија, Албанија и Европската Унија, порачаа денеска министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Велислава Петрова и еврокомесарката за проширување Марта Кос на заедничката прес-конференција во Софија, на која учествуваа и претставници на Албанија и на Италија.
Тие оценија дека политичката посветеност кон Коридорот 8 треба да се претвори во конкретна реализација и инвестиции, нагласувајќи дека проектот не е само транспортна врска, туку поширока платформа за економска, енергетска, безбедносна и регионална поврзаност.
Според нив, во услови на променета геополитичка и безбедносна реалност, Коридорот 8 може да придонесе за посигурни и поотпорни транспортни и синџири на снабдување, поголема трговија и инвестиции и подобро поврзување на Западен Балкан со Европската Унија.
Од Софија беше упатена заедничка порака дека е потребно забрзување на активностите и мобилизирање на потребните инвестиции, при што следниот министерски состанок за Коридорот 8 ќе се одржи во Скопје.
-Коридорот 8 е многу повеќе од транспортна рута и претставува стратешки европски коридор што ги поврзува Јадранското и Црното Море, пазарите, економиите и луѓето, истакна Муцунски на заедничката прес-конференција.
-Знам дека ова е особено интересно за пошироката јавност, а го кажав тоа и утрово, кога ги гледате македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи заедно, насмеани и согласни за многу работи. Но токму тоа ни го покажува симболизмот зад денешниот настан: кога сме фокусирани на нашата заедничка иднина, кога сме фокусирани на нашите заеднички стратешки приоритети, тогаш, без никакво сомнение, можеме да донесеме успех и за двете наши нации и за двата наши народи – рече Муцунски.
Тој нагласи дека за Македонија Коридорот 8 е јасен национален стратешки приоритет, а географската положба на земјата меѓу Истокот и Западот треба да се претвори во предност преку подобра поврзаност, економска соработка и поголема регионална безбедност.
-Коридорот 8 е многу повеќе од само транспортна рута. Тој е стратешки европски коридор, ги поврзува Јадранското со Црното Море, ги поврзува пазарите, економиите и луѓето и ги зајакнува врските меѓу Западен Балкан и Европската Унија – рече Муцунски.
Тој нагласи дека променетото геополитичко опкружување ја наметнува потребата од сигурни, диверзифицирани и отпорни транспортни рути, посилни синџири на снабдување, подобри услови за трговија и инвестиции и инфраструктура што ќе може да поддржи воена мобилност и колективна безбедност. Министерот додаде дека Коридорот 8 не се однесува само на патишта и железници, туку на отпорност, безбедност, стратешка поврзаност на Европа и европска интеграција.
Муцунски го посочи како важен чекор напред Договорот за подготовка, изградба и функционирање на прекуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој стапи во сила во март годинава, како и неодамнешните состаноци на Мешовитата комисија во Софија и Скопје. Тој нагласи дека сега е моментот политичката посветеност да се претвори во конкретни резултати на терен, со продолжување на соработката со Бугарија, Албанија, Европската Унија и другите партнери.
Тој најави дека Македонија ќе биде домаќин на следниот министерски состанок за Коридорот 8 во Скопје, со фокус на спроведувањето и конкретните резултати, нагласувајќи дека успехот на коридорот бара посветеност од сите земји и партнери.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос истакна дека транспортните врски се една од областите на кои Европа треба да работи во процесот на подготовка за проширувањето, бидејќи тие ги поврзуваат луѓето, го скратуваат времето на патување и ги намалуваат трошоците за водење бизнис. Таа посочи дека Коридорот 8 треба да го поврзе Јадранското со Црното Море и да донесе придобивки за Бугарија, Северна Македонија, Албанија и пошироко.
-Токму тоа сакаме да го постигне Коридорот 8: да ги поврзе Јадранското и Црното Море и да им донесе придобивки на луѓето во Бугарија, Северна Македонија, Албанија и пошироко – рече Кос.
Информираше дека ЕУ само во Северна Македонија и Албанија го поддржува Коридорот 8 со 319 милиони евра и оцени дека со изградбата на овие инфраструктурни врски денес се градат врските на Унијата на утрешнината. Според неа, еден ден патиштата и железниците ќе минуваат низ обединета Европа без внатрешни граници, што, како што рече, е визијата на политиката на проширување.
Таа нагласи дека Коридорот 8 ќе им служи на економиите и заедниците од двете страни на границите и ќе биде дел од поширока мрежа на транспортни врски од центарот на Европа до срцето на Азија, создавајќи повеќе можности за европските компании во услови на нарушени трговски рути.
Кос ѝ се заблагодари на Бугарија за лидерството во изградбата на нови транспортни и енергетски врски, оценувајќи дека земјата е „портата кон Европа“.
-Самитот за поврзаност, кој заедно со Европската комисија ќе го организирате напролет 2027 година, ќе биде значаен чекор во унапредувањето на врските што ѝ се потребни на Европа – рече Кос.
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова оцени дека на денешната трета средба за Коридорот 8 Бугарија дала политички поттик на иницијативата, која со години и од повеќе влади била поставувана како приоритет, но не секогаш имала доволна политичка волја за реализација во потребните рокови. Таа истакна дека присуството на министерско ниво на земјите низ кои минува коридорот, како и на Европската комисија, САД, Обединетото Кралство, Европската инвестициска банка, Украина, Романија и земјите од Западен Балкан, покажува дека станува збор за поширока регионална иницијатива.
-Овој Коридор не е само една отсечка на картата, туку навистина е можност за поголема поврзаност во регионот, која треба да се разгледува од повеќе аспекти – транспортен, безбедносен, военомобилен и енергетски – рече Петрова.
Таа посочи дека Коридорот 8 треба да се разгледува и како можност за создавање поширока мрежа на коридори, поради што Бугарија следната година ќе биде домаќин на регионален форум за поврзаност. Според Петрова, форумот ќе овозможи Бугарија и регионот да се позиционираат како влезна точка кон Европа, а Коридорот 8 да стане природна врска со Средниот коридор и со други видови поврзаност со земјите од Персискиот Залив.
Таа нагласи дека одделните патишта и железнички линии треба да се гледаат како заеднички приоритет, со цел регионот да биде подобро позициониран, економски постабилен и побезбеден. Петрова оцени дека е важно политичката волја да се претвори во практична реализација и да се привлечат соодветни инвестиции за проектот да биде реализиран во предвидениот рок.
-Мислам дека беше важно што сите се обединивме околу улогата на овој коридор. Важно е сега оваа политичка волја да ја претвориме во практична реализација и да ги привлечеме вистинските инвестиции, за да може таа да биде реализирана во предвидениот рок – истакна Петрова.
На министерскиот состанок во Софија учествуваа претставници на земјите и институциите поврзани со Коридорот 8, а во фокусот беа транспортната, енергетската и безбедносната поврзаност, како и можностите за унапредување на регионалната соработка и европската интеграција.
Извор/фото МИА








