Антони Пешев | КНИГА ШТО ГИ ПРЕПОРАЧУВАМ: Злосторство и казна

Ова е книга што тивко, но длабоко нè менува и трае долго, долго во нашата свест. И токму затоа е препорачлива за секого, а овде и сега особено, ќе се осмелам да кажам дека можеби е и неопходна.
препорачана книга од Антони Пешев

Ја препорачувам книгата затоа што таа не е само роман, туку длабоко филозофско огледало во кое читателот неизбежно се соочува со себе. Тоа е книга што не се чита лесно, но се памети долго затоа што отвора прашања од кои човек не може да побегне − прашања за совеста, за моралот и за одговорноста.
Кога син ми ја читаше оваа книга како лектира почувствував тивок внатрешен повик повторно да ѝ се навратам. И навистина не згрешив. Со години повеќе, но и со поинаква животна перспектива на моите 63 години живот и речиси 40 години искуство, романот ми се отвори подлабоко и поболно отколку при првото читање.

Ми се всади во мене дилемата дали човек има право да се издигне над моралните закони во име на „повисока цел“ и дали постојат „избрани“ луѓе кои смеат да ги прекршат правилата на моралот за свое добро, често затскриено зад лажната слика дека тоа е за доброто на народот и човештвото.

Во Раскољников препознав борби што денес ги гледаме насекаде околу нас − луѓе што се обидуваат со привиден супститут на разум да ја оправдаат неправдата и да ја замолчат сопствената совест.

Достоевски мајсторски, небаре и самиот илјада пати го преживеал тоа, нè соочува со опасната мисла дека човек може да си даде право да одлучува за животот на другиот. Описот на менталните состојби на разумот, како и внатрешниот дијалог на „злосторникот“ се прикажани како некој да имал реален пристап до тие мисли. Но, она што е најбитно, филозофската димензија на романот е токму тука − во судирот меѓу ладниот разум и неминовниот морален немир кој трае долго, понекогаш до крајот на животот.

Вистинската казна, ни покажува авторот, не доаѓа од судот, туку од внатрешниот распад кога ќе се изгубат човечноста и чувството за морал.

Во оваа наша грда сегашност, исполнета со отуѓеност, предрасуди и брзи пресуди, „Злосторство и казна“ ја препорачувам од срце. Таа нè потсетува дека без сочувство, без одговорност и без прифаќање на вината, нема вистинска слобода.

Ова е книга што тивко, но длабоко нè менува и трае долго, долго во нашата свест. И токму затоа е препорачлива за секого, а овде и сега особено, ќе се осмелам да кажам дека можеби е и неопходна.


Антони Пешев, авторот е извршен директор на Стопанската комора на С. Македонија
Економија и бизнис, 15 февруари 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано