Јаневска: Дуалното образование дава резултати, но потребно е посилно поврзување на компаниите со науката

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека усогласувањето меѓу потребите на приватниот сектор и образовниот систем е сложен процес, при што како клучни предизвици ги посочи демографските и миграциските движења, како и недостигот на работна сила.

На денешната панел-дискусија во организација на Светска банка, Јаневска истакна дека државата презема мерки за намалување на јазот меѓу знаењата и вештините на учениците и студентите и оние што ги бара пазарот на трудот.

– Добрата и успешната приказна е всушност средното стручно образование во Македонија, каде што имаме пораст на дуални паралелки, учење преку работа. И задоволството на компаниите од присуството на овие ученици од кои најголем дел од оние кои го продолжуваат образованието остануваат во компаниите – рече Јаневска.

Таа посочи дека во последните две години се отворени околу 70 нови градинки со цел поголемо вклучување на децата во предучилишното образование, а од минатата година за првпат се воведени кариерни советници во основното и средното образование.

Во однос на усогласувањето на образовните програми со потребите на пазарот на трудот, министерката нагласи дека промените во наставните планови и програми веќе се направени во основното и средното образование.

– Она што дополнително треба да се направи е да се обрне внимание на Смарт специјализацијата, каде што компаниите би требало да се насочат затоа што тоа е стратегија која треба да поттикне економски раст во Македонија – истакна Јаневска.

Според неа, најголем предизвик останува слабата поврзаност меѓу компаниите и високообразовните и научноистражувачките институции.

– Ова треба сериозно да се засили – да се поврзат компаниите со високообразовните научни установи за заеднички да можат да произведат производ или иновација кој ќе може да донесе средства. Јас тука го гледам најголемиот јаз и мислам дека во тој правец треба да се насочиме во следните години – рече министерката.

Јаневска потенцира дека подобрувањето на состојбите на пазарот на трудот не зависи само од образованието, туку и од владеењето на правото, односот на работодавачите кон вработените и условите што им ги нудат компаниите. Според неа, економскиот развој и подобрувањето на условите за работа ќе придонесат и за поголемо задржување на работната сила во земјата.

– Тоа би било во врска со образованието, но морам да додадам дека не зависи сè од образованието, колку што државата го става на приоритет, затоа што да, владеењето на правото е исклучително важно, односот на компаниите кон вработените – во овој момент мислам и на државните и на приватните компании, погодностите што ги добиваат работниците, профитот што сакаат газдите на компаниите да го постигнат. Впрочем, мене ми остави впечаток и тоа што жените се со помал работен век во одреден процент. ​Но, во земја со среден приход тоа е сосема разбирливо. Тоа ќе се промени тогаш кога ќе станеме поразвиена земја – тие треба да ги чуваат и децата и возрасните во одреден период од животот. Тоа е нешто што со текот на времето се менува и ќе се промени, но пак компаниите би требало да им понудат одредени погодности – изјави министерката Јаневска. 

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано