Разговор со Марјан Ристески, заменик министер во Министерство за економија и труд
Оперативниот план за вработување е еден од клучните инструменти на Владата за поттикнување на пазарот на труд. Кои се главните новини во актуелниот план и какви конкретни ефекти очекувате врз намалувањето на невработеноста и зголемувањето на продуктивноста во приватниот сектор?
М. Ристески: Изминатава година имавме револуционерни промени во Оперативниот план каде што фокусот на планот го ставивме на младите лица и им дадовме историски висока финансиска поддршка и удел во Планот преку конкретна финансиска „инјекција“ за нивно вработување, отворање сопствен бизнис или зголемување на нивните вештини преку вклучување во практикантство или некои од понудените обуки.
Поддршката за самовработување за младите лица до 29 години ја зголемивме од 6 000 на 10 000 евра, што е рекордна сума, а младите ја препознаа дадената шанса и со задоволство можам да информирам дека Оперативниот план за 2025 година опфати повеќе од 12 000 лица, од кои 8 426 млади лица до 29 години или 70 проценти од вкупниот опфат.
Оперативниот план за оваа 2026 година е во финална фаза на подготовка, повторно ќе има буџет од околу 40 милиони евра кои ќе бидат наменети за програми и за активности за намалување на невработеноста во Македонија, дел се наменети за граѓаните, а дел како поддршка за раст и развој на микро-, на малите и на средните претпријатија.
Овој план се изготвува врз детална анализа на реализацијата на мерките, на постигнатите резултати и на предизвиците од изминативе неколку години и врз основа на овие податоци ќе имаме неколку измени и новитети, пред сè во вид на прераспределба на средства од мерки кои имаат послаби ефекти кон оние кои се покажаа како поуспешни.
Законот за финансиска поддршка на инвестициите е важен механизам за поттикнување на домашните компании. Колку домашните компании реално ја користат оваа поддршка, кои сектори имаат најголема бенефиција и дали се планираат измени со цел поголема конкурентност на македонската економија?
М. Ристески: Токму така. Законот за финансиска поддршка на инвестициите е една од главните алатки на Владата за поддршка на компаниите кои инвестираат во Македонија со цел поттикнување на економски раст, отворање нови работни места и зголемување на конкурентноста на домашните компании.
Со овој Закон годинава се предвидени околу 20 милиони евра, предвидена е финансиска поддршка за капиталните инвестиции на компаниите кои отвораат поголем број нови работни места, предвидуваат формирање на самостојни организациски облици за технолошки развој и за истражување, инвестираат во нови машини и во опрема, ја зголемуваат нивната конкурентност и други мерки.
Генерално поволностите од Законот се користени во сите области кои ги опфаќа Законот, а конкретно минатата 2025 година пристигнати се повеќе од 300 апликации за поддршка на компании.
Како еден од главните новитети во овој Закон од оваа година е вметнувањето на нова категорија која може да ги користи поволностите, а тоа се македонските иселеници (државјани со привремен престој во странство) при што е предвидена финансиска поддршка за нивни инвестиции во нашава држава.
Веќе неколку години инфлацијата е една од главните теми во земјава. Кои се конкретните мерки што ги презема Министерството за стабилизирање на цените и за заштита на животниот стандард? Колку примената на Законoт за нефер трговски практики и засилените контроли на Пазарниот инспекторат даваат реални резултати на терен?
М. Ристески: Животниот стандард на нашите граѓани е наш врвен приоритет и нема да дозволиме одредени компании преку трикови и незаконски мерки да се богатат на грбот на граѓаните.
Внимателно ги следиме цените на мало и на големо, но проблемот со цените е комплексна проблематика каде што за да имате резултати на краток, на среден и на долг рок мора да се дејствува системски во повеќе области.
Ние како Министерство во континуитет работиме на подобрување на куповната моќ на граѓаните и на нивниот животен стандард, а тоа се прави преку многу мерки во повеќе области.
Доследното спроведување на Законот за нефер трговски практики е еден од главните орудија кои се на раполагање за контрола на цените кај 2 548 земјоделски и прехранбени производи. Со овој Закон се ограничуваат на 10 проценти рабатот и дополнителните трошоци како надоместоци за складирање на производи на полици, реклама, маркетинг, ангажирање на персонал за опремување. Овие дополнителни трошоци во минатото достигнувале и до 40 проценти и ова доведува до зголемување на малопродажните цени на производите, а крајната цена секако ја плаќаат граѓаните.
Изминатава година Комисијата за заштита на конкуренцијата отвори и обработи повеќе од 30 предмети за вакви нефер трговски практики, но увидовме дека дел од казнените одредби се премногу ниски и затоа годинава ќе предложиме измени со кои ќе имаме повисоки казни, а ќе предложиме да се воведат казни и за доставувачите кои учествуваат во синџирот на снабдување со овие производи.
Редовните контроли на работата на трговските субјекти од страна на Државниот пазарен инспекторат е исто така моќна алатка во оваа битка, а инспекторите минатава година како никогаш досега беа активни на терен, со повеќе од 26 000 надзори во сите субјекти на цела територија на Македонија, како и со изречени глоби во износ од 174 милиони денари.

Изработката на национална просечна потрошувачка кошница е важен чекор за креирање економски политики. Како оваа алатка ќе влијае врз идните политики за минимална плата, за социјални мерки и за реалната проценка на трошоците за живот?
М. Ристески: Мислам дека повторното креирање на официјална државна потрошувачка кошница по повеќе од 15 години непотребно се исполитизира и веднаш започна да се споредува со една од кошничките кои ја изработуваат синдикатите.
Главната цел на просечната потрошувачка кошница е таа да се користи во креирањето на државни политики и мерки, а не да се користи за политички натпревар или дневно-политички цели. Оваа кошница нема директно да ги намали цените на производите, но затоа ќе биде ставена на располагање на сите институции кои, врз основа на нејзините наоди, ќе можат да креираат мудри и издржани државни политики.
Просечната потрошувачка кошница треба реално да ги определи потребните средства за покривање на трошоците за живот на едно просечно четиричлено семејство во земјава, односно да ја отслика реалната структура на потрошувачката на населението во земјава. Таа ќе се базира врз прецизно утврдена методологија која е во согласност со сите европски научни стандарди и ќе користи официјални податоци на Државниот завод за статистика.
Неа ја доставивме до Економско-социјалниот совет на увид уште во јули минатата година, а на последната седница повторно ја презентиравме. Се надевам дека на наредната седница на ЕСС ќе биде усвоена и ќе започнеме и официјално да ја презентираме пред јавноста, а последната симулација покажува дека има пониска вредност од таа на ССМ за повеќе од 10 проценти.
Сивата економија останува сериозен предизвик. Какви се досегашните резултати од засилените активности на Трудовиот инспекторат и што ќе донесе новиот Закон за работно ангажирање, особено во делот на легализирање на сезонската работа и намалување на неформалната вработеност?
М. Ристески: Нефермалната или „сивата“ економија е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме како држава со години наназад, таа ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државава.
Ние како Влада и Министертво изминатиов период се посветивме на креирање системски, конзистентни и одржливи решенија со кои ќе се бориме против оваа појава бидејќи секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот.
Една од првите работи кои како нова влада ги затекнавме, а истото тоа е нотирано и во Реформската агенда, е недоволната екипираност на Државниот инспекторат за труд, институција која треба да биде предводник во борбата со непријавените работници. За да се надмине оваа состојба и за да се зголемат оперативните капацитети на оваа клучна институција започна процесот на зголемување на бројот на инспектори.
Нова клучна системска измена во областа на трудот е новиот Закон за работно ангажирање на лица кој претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и во формализацијата на сивата економија.
Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Законот предвидува можност за ангажирање вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.
Во првата фаза, Законот ги опфаќа секторите каде што сивата економија е најизразена − земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата, а очекуваме со него да се опфатат околу 17 400 лица.
Социјалниот дијалог е еден од клучните механизми за стабилност на економијата и на општеството. Како го оценувате функционирањето на Економско-социјалниот совет, особено во делот на дискусиите за минималната плата и за условите за работа и дали постои реален консензус меѓу Владата, работодавачите и синдикатите за клучните економски прашања?
М. Ристески: Со оваа Влада, Економско-социјалниот совет ја доби својата права форма и суштина како што и бил замислен, како тело каде што трите социјални партнери ќе дискутираат за сите најважни прашања и теми.
Економско-социјалниот совет во моментов се одржува на месечно ниво, комуникацијата е на високо ниво и отворено се дискутираат сите отворени прашања, иницијативи, предлог-закони и предвидени реформи кои ги засегаат социјалните партнери. Само преку институционален дијалог можеме да дојдеме до вистински, конструктивни решенија кои се прифатливи за сите страни, тоа е вистинската функција на Економско-социјалниот совет.
Според мене е нормално за одредени прашања да имаме различни ставови, но затоа и постои ова тело, да се дискутира, да се преговара, да се носат одлуки и да се изнаоѓаат решенија во интерес на граѓаните на Македонија.
Разговараше: Ќирко Бошкоски
Економија и бизнис, 15 март 2026г






