ИНФЛАЦИЈА во мај: трошоците на живот пораснаа за 4,8% на годишно ниво

Трошоците на живот во мај годинава, во споредба со истиот месец лани, бележат зголемување од 4,8 проценти, додека цените на мало се зголемени за 5,6 проценти, покажуваат најновите податоци.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во мај во однос на април изнесува 0,6 проценти, што укажува на умерен месечен раст на ценовните нивоа.

На месечно ниво, во мај 2026 година во однос на април, најголем пораст е забележан кај транспортот од 1,6 проценти, следен од облека и обувки, како и храна и безалкохолни пијалаци со пораст од 1,0 процент. Раст има и кај рекреација, спорт и култура (0,9%), информации и комуникации (0,7%), како и ресторани и услуги за сместување (0,5%). Минимално зголемување е забележано и кај здравството и кај трошоците за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива од 0,1 процент.

Во истиот период, намалување на трошоците е регистрирано кај лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги од 0,4 проценти, како и кај покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата од 0,1 процент.

Трошоците во групите образование, осигурување и финансиски услуги, како и алкохолни пијалаци, тутун и наркотици останале непроменети во однос на претходниот месец.

Цените на мало во мај, споредено со април, бележат зголемување од 0,8 проценти.

Повеќе од истиот автор

Најчитано