ИКТ ЕКСПЕРТИТЕ НЕ СЕ НАЈБАРАНИ РАБОТНИЦИ ВО ЕВРОПА, ШПАНИЈА НАЈМНОГУ ВРАБОТУВА, oва се најбараните работни места во 2026 година

Работодавачите низ Европа објавиле повеќе од 10 милиони слободни работни места помеѓу април 2025 и март 2026 година.

Според анализата на BestBrokers, врз основа на податоци од Евростат и европската мрежа за вработување EURES, најбараната група занимања биле технички работници и за нив биле отворени дури 731.953 позиции, со што го зазеле првото место на европската листа на барани професии.  

Најголемата побарувачка не е за инженери за вештачка интелигенција, туку за луѓето кои ги прават, поправаат, градат и управуваат со системите без кои економијата не може да функционира.

По техничките работници, најбарани се:

административни и канцелариски специјалисти со 630.033 отворени работни места, металски работници и работници во машинската индустрија  (596.701), оператори на машини и постројки (522.808) и возачи и транспортни работници (519.386).

Заедно, овие професии сочинуваат речиси три милиони слободни работни места низ цела Европа. ИКТ експертите, иако се меѓу најбараните, го заземаат само шестото место со околу 375.070 отворени работни места. Пораката е јасна: Европа не бара само луѓе кои ќе развиваат нови технологии, туку и оние кои ќе ја одржуваат индустријата, логистиката, инфраструктурата и секојдневниот живот.

Најголем број технички работници бараат индустриски најсилните европски економии. Во Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија, техничките работници се професијата со најголем број отворени работни места. Од друга страна, Финска има најголема побарувачка за ИКТ експерти – компаниите имаат потреба од повеќе од 20.000 луѓе од оваа област.

Здравствената заштита станува еден од најголемите предизвици за стареечката Европа. Шведска, Швајцарија, Норвешка и Лихтенштајн имаат најголема побарувачка за здравствени работници, додека наставниците се меѓу најбараните во Полска, Бугарија и Естонија.

Туризмот и услугите, исто така, остануваат силни двигатели на вработувањето. Работниците во секторот за лични услуги се најбарани во Шпанија, Португалија, Малта, Данска, Словачка, Унгарија и Исланд.

За само една година, Шпанија го зголеми бројот на вработени за околу 430.000 луѓе, што е највисок раст во Европа.

Следните се: Португалија со 82.000 нови вработени, Грција со 34.000, Хрватска со 16.000 и Кипар со 12.000.

Најголем пад забележа Турција, која изгуби околу 392.000 вработени помеѓу првиот квартал од 2025 година и првиот квартал од 2026 година. Германија (-32.000), Италија (-24.000) и Словачка (-25.000) исто така забележаа пад на бројот на вработени.

Кипар го зголеми бројот на вработени за 2,52 проценти, а Малта за 2,22 проценти, што ги става на врвот на листата на најбрзо растечки пазари на трудот.

Меѓу земјите со најголем пад на вработеноста се Унгарија (-1,34 проценти), Турција (-1,32 проценти), Словенија (-0,93 проценти), Словачка (-0,98 проценти) и Србија (-1,14 проценти). Демографското стареење, заминувањето на работната сила и забавениот економски раст вршат сè поголем притисок врз земјите од Централна и Југоисточна Европа, пренесува B92.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано