Во Хрватска, Министерството за заштита на животната средина и зелена транзиција предложи измени на Законот за управување со отпад со кои значително се заоструваат мерките против незаконското постапување со отпад. Предвидено е воведување видео надзор и задолжителен GPS во возилата што транспортираат отпад, проширување на дигиталниот систем eONTO за следење на тековите на отпадот, како и можност за привремено или трајно одземање на возила и опрема при незаконски транспорт. За најтешките прекршоци, како одлагање опасен отпад или работа без дозвола, казните ќе достигнуваат до 150.000 евра.
Eфикасното управување со отпад бара комбинација од силна регулатива, контрола и континуирани инвестиции во системот за рециклирање и заштита на животната средина, работи кои треба да ги следи и Македонија.
Во Македонија годишно се создаваат речиси 791.000 тони комунален отпад, а се собираат околу 637.000 тони, најголемиот дел од него над 90 % сè уште завршува на депонии, што дополнително ја нагласува потребата од развој на ефикасен систем за селекција и рециклирање.
Од Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија апелираат до институциите да се обезбеди доследна примена на законите, еднакви услови за сите учесници на пазарот и заштита на интегритетот на системот за управување со отпадот од пакување. Бидејќи само стабилна и предвидлива регулаторна средина може да обезбеди континуитет на инвестициите и исполнување на националните и европските цели во областа на рециклирањето и циркуларната економија.
Во меѓувреме, во Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање ја обнови лиценцата на Пакомак, откако по 15-ти пат по ред го одобри годишниот извештај на компанијата и потврди дека ги исполнила и надминала националните цели за управување со отпад од пакување.
Во текот на 2025 година преку системот на Пакомак се собрани 37.655 тони амбалажен отпад, односно 68% од пријавениот отпад, додека целта за 2026 година е да се достигне стапка на собирање од 69%. Компанијата истакнува дека повеќе од 80% од своите приходи ги реинвестира во инфраструктура, едукација и развој на системот за селекција на отпад. Дури 73% од буџетот се насочени кон контејнери, машини и друга инфраструктура, а над 10% се вложуваат во едукативни кампањи за подигање на јавната свест.
Пакомак веќе има изработен софтвер за видео надзор и задолжителен GPS во возилата што транспортираат отпад, и следење на отпадот, финансисран од Швајцарската амбасада, а за кој се очекува во неговото имплементирање да даде поддршка Министерството за животна средина.
За успешно управување и преработка на отпадот на национално ниво потребно е да се вложи многу труд, знаење, напорна работа, и се разбира, финансиски средства поради тоа што рециклирањето се врши надвор од земјата. Но, потребна е и силна волја и истрајност за да се опстои во еден динамичен свет кој постојано ги менува своите навики.








