ГРАНТОВИ ОД БРИТАНСКИОТ СОВЕТ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ВРСКИ ПРЕКУ КУЛТУРАТА 2026

Британскиот совет официјално ја започна рундата за 2026 година од својата водечка програма за грантови, „Врски преку културата“ (ВПК). Иницијативата, како што информираат од Британскиот совет, е создадена да обезбеди почетно финансирање за билатерални креативна соработка, интеркултурна размена и долгорочни институционални партнерства помеѓу креативните професионалци од Обединетото Кралство и 35 земји учеснички ширум светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

-Во рамките на значителното проширување на програмата за 2026 година, ВПК ќе вклучи и две постоечки програми на Британскиот совет: Програмата Биеналс Конект (Поврзување на биеналата) [Biennials Connect], посветена на визуелните уметности, и грантови за биенала и фестивали во архитектурата, дизајнот и модата – Биеналс енд фестивалс грантс (Грантови за биенала и фестивали) [Biennials and Festivals Grants]. Ова консолидирање создава унифицирана и поедноставена платформа за финансирање што ја поддржува уметничката пракса низ визуелните уметности, музиката, литературата, сценските уметности, архитектурата, дизајнот и филмот, се наведува во соопштението.

За циклусот од 2026 година, како што посочуваат од Британскиот совет , програмата ВПК ќе додели приближно 1,3 милиони фунти за поддршка на меѓународната културна соработка.

-Во самото срце на мисијата на Британскиот совет лежи длабоко верување во трансформативната моќ на културната размена- рече Клер Сирс, директорка на Британскиот совет за Западен Балкан.

Програмата за грантови „Врски преку културата“, како што се посочува во соопштението, гради долгорочни и значајни партнерства меѓу нашите земји, со што им се овозможува на уметниците и креативните професионалци директно да се вклучат во ко-креирање и соработка.

Апликациите за циклусот 2026 се отворени за креативните професионалци, културни практичари, уметници, креативни центри, фестивали, биенала и организации. За да бидат подобни за финансирање, проектите мора да вклучуваат барем еден партнер со седиште во Обединетото Кралство и еден партнер законски регистриран во Северна Македонија. Уметници, креативни професионалци и организации од Северна Македонија ќе имаат право на финансирање до 10.000 фунти.

Од Британскиот совет посочуваат дека соодветните активности вклучуваат ко-креација, резидентни програми, истражување и развој, колаборативни изложби и јавни програми.

-Подобни кандидати вклучуваат: уметници и креативни професионалци; уметнички и културни организации;  фестивали и биенала;  културни практичари;  креативни центри, мрежи и колективи и организации што работат во областа на уметноста, културата и креативните индустрии, се истакнува во соопштението.

За да им помогне на потенцијалните кандидати подобро да ги разберат критериумите за аплицирање и да подготват конкурентни предлози, Британскиот совет ќе организира серија информативни сесии водени од менаџери за уметност во земјите учеснички.

Информативни сесии за апликанти од сите земји учеснички ќе се одржат: во вторник, 30 јуни, 15:00–16:30 (BST) – Глобална информативна сесија, во среда, 1 јули, 10:00–11:30 (BST) – Глобална информативна сесија за апликанти во визуелни уметности, архитектура, дизајн, мода и занаети, како и организатори на фестивали и биенала и во среда, 1 јули, 15:00–16:30 (BST) – Глобална информативна сесија за проекти во креативни технологии, вклучувајќи дигитална уметност, XR/имерзивни технологии и видео игри, како и апликанти во визуелни уметности, архитектура, дизајн, мода и занаети, фестивали и биенала.

Регистрацијата за информативните сесии е достапна на веб-страницата на Британски совет.

Крајниот рок за аплицирање за програмата „Врски преку културата“ е среда, 12 август 2026 година, во 23:59 часот (BST).


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано