Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ се обезбедени 149 милиони евра грант за изградба на третата делница од железничкиот коридор 8. Се очекува во текот на оваа година да почнат работите на терен.
– Есенва е предвидено да се избере изведувач и веднаш потоа да се почне со работа. Веќе има активен тендер за избор на надзор и се оди во две фази, предквалификација која е во финиш и квалификација, а тендерот за градба ќе биде во една фаза, иформира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Изминатите две години напорна работа го искристализираа, го оптимизираа и го направија појасен овој проект што претходно подразбираше дека треба да завршиме на половина тунел и без да имаме јасно предвидување од страна на нашиот источен сосед дека ќе имаме модернизација на секцијата што ја поврзува границата со нас и Софија, вклучително и другата половина на тунелот. Да, требаше време. Требаше да се постигне напредок во разговорите со нашиот источен сосед. Тој напредок се постигна, се потпишаа договори, има заложба и посветеност од двете страни и тунел што е практично трет дел од проектот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Коридорот 8 има голема важност, бидејќи ги поврзува Јадранското и Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија, тој е дел од инфраструктурата и на ЕУ и на НАТО, а оваа врска ќе ја зголеми отпорноста на Северна Македонија, на регионот и на континентот, ќе обезбеди поголема мобилност и за воени и за бизнис цели, но ќе ја олесни и трговијата, ќе отвори можности за работа и ќе ја зголеми конкурентноста по делот на овој коридор, изјави денеска заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Бен Нупнау на свеченото потпишување договори за финансирање на изградбата на железничката делница Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, која е дел од источниот крак на Коридорот 8.
На потпишувањето во Владата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Бен Нупнау – заменик шеф на Делегацијата на ЕУ, Фатих Туркменоглу – директор на ЕБОР за Македонија, Бјорн Габриел, директор на ЕИБ во Македонија, како и директорот на Железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.
Раководителот на Европска инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел во своето обраќање истакна дека измените станале неопходни по поместувањето на договорите за заем и ИПА-грантот.
-Тоа наложи прилагодување на структурата за спроведување на проектот и на планот за негово финансирање. Иако денешното потпишување претставува административен чекор, сепак станува збор за значајна пресвртница. Со него се отвора патот за објавување на тендерот за градежните работи во наредните недели и се потврдува обновената посветеност на Владата за унапредување на Железничкиот коридор 8 и неговите стратешки делници – нагласи тој.
Извор/фото МИА








