Голем пожар вo близина на Омиш

Голем пожар во Хрватска што избувна во Локва Рогозница доцна синоќа се прошири во текот на ноќта кон Омиш, и зафати области над самиот град.
Заменик-градоначалникот на Омиш, Иван Пивчевиќ изјави дека има повредени, вклучувајќи пожарникари, додека неколку граѓани се здобиле со изгореници, претежно на рацете.

„Според информациите што ги имаме сега, нема загинати или повреди за кои знаеме дека треба да имаат трајни последици“, изјави Пивчевиќ за „Слободна Далмација“.

Тој додаде дека штетата е огромна, дека голем број автомобили и бројни куќи се изгорени.

Информациите од терен сè уште се собираат, а вистинскиот обем на материјалната штета ќе се знае дури откако пожарот ќе биде ставен под контрола и ќе биде можно да се посетат сите погодени населби.

Пожарот е закана за голем број куќи и згради, некои жители и туристи беа евакуирани во Сплит.

Како што објави порталот Индекс, најмалку 10 лица се повредени, од кои двајца потешко.

Според најновите информации, пожарот сега е на помалку од 50 метри од самиот центар на градот.

Горат и големи челични конструкции веднаш над градот, дизајнирани да спречат одронување на карпи врз куќите.

Во градот се слушаат експлозии, се претпоставува дека експлодираат гасни боци.

Постојано се слушаат сирени на противпожарна, брза помош и полиција.

Поголемиот дел од градот е без електрична енергија. Десетици возила изгореа на Јадранската магистрала, а оштетени се и куќи. Сообраќајот на таа делница е прекинат.

Пожарникари од цела Хрватска и канадери се борат против пожарот, но силниот ветер го отежнува гаснењето, јавија хрватските медиуми.

Повеќе од истиот автор

Најчитано