Во една кратка и тивка сцена, во едно мало затишје пред бура, нашиот јунак на телевизија го гледа „Битката за Алжир“ (La battaglia di Algeri, 1966), филм на италијанскиот режисер Џило Понтекорво (Gillo Pontecorvo). Ова не е случајна филмофилска референца, туку можеби и клуч за читање на целиот филм. Револуцијата, која некогаш била историска нужност и колективна надеж, денес опстојува само како слика, како спомен, како далечен мит. Таа постои во архивите, на екранот, во културната меморија, но е сосемa далеку од реална можност. Токму во тој простор меѓу револуционерната историја и суровата реалност на денешницата се движи новото дело на Пол Томас Андерсон (Paul Thomas Anderson).
„Една битка по друга“ (One Battle After Another, 2025) е лабаво базиран и инспириран од романот „Винланд“ (Vineland 1990) на Томас Пинчон (Thomas Pynchon), автор чиј книжевен универзум одамна е во дијалог со делото на ПТА. Режисерот уште од раните двеилјадити години посакувал да го адаптира овој роман, но наместо класична филмска верзија со текот на времето развил многу послободен пристап, вградувајќи лични мотиви, современи политички референци и сопствени наративни линии.
Пол Томас Андерсон е еден од најзначајните американски режисери во последниве три децении, со опус во кој историјата, психологијата и митологијата на Америка се преплетуваат низ комплексни и често фрагментирани наративи. Од Буги најтс (Boogie Nights, 1997) и Магнолија (Magnolia,1999), преку монументалниот „Ќе има крв“ (There Will Be Blood, 2007), па сè до The Master (2012), Вроден порок (Inherent Vice, 2014) и Licorice Pizza (2021), тој постојано ја истражува тензијата меѓу индивидуалната потрага по смислата и огромните општествени структури: капиталот, религијата, моќта, идеологијата. Андерсон никогаш не бил класичен раскажувач: неговите филмови функционираат како лавиринти на сеќавањето, на копнежот и на историјата, каде што движењето напред често е и враќање наназад, а смислата произлегува токму од судирот меѓу интимното и колективното.
Приказната го следи Боб Фергусон (Леонардо ди Каприо), поранешен револуционер кој во доцните двеилјадити се приклучува на радикалниот колектив French 75, првично поттикнат повеќе од лична привлечност кон нивниот лидер Перфидија Беверли Хилс (Тејана Тејлор) отколку од идеолошка убеденост.
Нивната врска со текот на времето прераснува во семејство, но под постојан притисок на Еф-би-ај и на фанатичниот полковник Стивен Локџо (Шон Пен) заедницата се распаѓа. Шеснаесет години подоцна Боб живее под лажно име со својата тинејџерка ќерка Вила (Чејс Инфинити), обидувајќи се да избега од минатото сè додека неговиот прогонител повторно не го вовлече во насилен судир со сопствената историја.
Жанровски „Една битка по друга“ е мешавина од акциски трилер, семејна драма, политичка сатира и фарсична авантура. Оваа нестабилна комбинација создава чувство на постојана напнатост и изненадување. Филмот никогаш не мирува, но истовремено не брза, постојано застанува за да ги набљудува своите ликови, нивните стравови, сомнежи и надежи. Интимноста и хуморот се едни од најсилните страни на киното на ПТА и токму тие го прават филмот толку човечки. Среде акциски сцени, политички конфликти и насилство, тој постојано се враќа на малите, секојдневни моменти: неумешни разговори меѓу татко и ќерка, тивки погледи, несмасни гестови на грижа. Во тие сцени се создава чувство на блискост и на препознавање. Светот на филмот изгледа хаотичен и суров, но во него сепак постои простор за нежност, за солидарност и за човечка топлина. Хуморот не служи за да ја ублажи драмата, туку за да ја продлабочи. Ликовите често се смешни, несмасни, дезориентирани и токму затоа ги чувствуваме толку блиски. Тие не се херои, туку луѓе затекнати во свет што се менува побрзо отколку што тие можат да го следат. Нивната слабост не е знак на пораз, туку доказ за човечност. Во тој контекст, Боб на Ди Каприо неодоливо потсетува на „Батката“ Биг Лебовски: фигура што талка низ апсурден, често непријателски свет, носејќи со себе мешавина од апатија, тврдоглава истрајност и изненадувачки морален компас. Како и кај култниот лик на браќата Коен, неговата пасивност е само привид. Под неа се крие тивка, но упорна форма на отпор, одбивање целосно да се прифати логиката на насилството, на доминацијата и на цинизмот.
Визуелно филмот се движи низ урбани лавиринти, рурални предели и пустински пејзажи. Кулминацијата доаѓа во спектакуларната автомобилска потера низ ридовите на Борего Спрингс, каде што камерата постојано ја крие целосната слика, создавајќи чувство на изгубеност и на неминовност. Во таа замаглена слика се содржи целата амбивалентност на филмот: распадот на митот, губењето на насоката и исчезнувањето на големите идеали.
„Една битка по друга“ е најамбициозниот и најризичен проект на Пол Томас Андерсон, особено ако се има предвид дека станува збор и за неговиот најскап филм досега. Буџетот, невообичаено висок за автор познат по прецизна и контролирана продукција, овде не служи за создавање спектакл, туку за градење сложен, разгранет и визуелно раскошен свет. Филмот е снимен од директорот на фотографија Мајкл Бауман (Michael Bauman) со Виста вижн (VistaVision), редок и заборавен 35-милиметарски формат користен во класични холивудски дела како „Трагачи“ (The Searchers, 1956) на Џон Форд и и „Вртоглавица“ (Vertigo, 1958) на Алфред Хичкок. Овој избор не е само технички туку и концептуален: широкиот кадар и богатата текстура создаваат чувство на епска ширина, но истовремено и на празнина.
На крајот, „Една битка по друга“ е филм за една генерација што ја преживеала смртта на големите соништа. За луѓе што верувале во промена, а денес се обидуваат да најдат смисла во малите нешта: семејството, блискоста, грижата, секојдневната солидарност. Сепак, надежта за подобро утре последна умира.
Економија и бизнис, 01 февраури 2026г.







