Во ера на технолошки напредок, вештачка интелигенција, нанотехнологија, кибернетика и роботика, во ера на геополитички, социјални и културолошки превирања, во ера на морална конфузија и етичка дезориентираност, неминовно се поставува прашањето која е улогата на философот во 21 век. Со кои философски прашања, теми и области на философијата и на науката се занимава современиот мислител?
Во општествените договори и текови, форми на здружувања, организација и заедништво, историски парадокси и контроверзи, местото и улогата на философот низ вековите претрпеле голема трансформација. Од „совест на општеството“, владетел на идеална држава, советник на кралеви, теолог философ, до научник со револуционерен дух кој открива нови парадигми, нови сознајни патишта, авангарда без преседан високо во сферата на метафизиката, до социјален критичар − секогаш во првите општествени редови. Во Античка Грција философот е јавна личност и јавно дебатира како Сократ на агората, сметајќи се себеси за мисионер во функција на будилник на совеста на младите Атињани.
Неговиот ученик Платон верува дека државата треба да ја раководат философите − најумните, луѓето од „златен ков“ кои ги краси вредноста разумност. Аристотел, како прв научник, е и советник на кралевите. Во ренесансата Галилео Галилеј, Џордано Бруно, Френсис Бекон, Декарт, Спиноза, Лајбниц се двигатели на новите научни сознанија и парадигми. Во модерната се јавуваат имиња кои се впрегнати во разрешување на метафизичките прашања и одговори − извонредни мислители како големите Кант, Хегел, а подоцна со оригинални сознанија и Ниче, Шопенхауер и др. Во XX век философот се занимава со хуманизмот, лингвистиката, логицизмот и математицизмот, волунтаризмот, егзистенцијализмот − идеи и правци кои ги разработиле Витгенштајн, Расел, Бергсон, Сартр, Хусерл итн. Современиот философ, пак, на почетокот на XXI век го напушта полето на „чистите“ апстракции и се фокусира на критичка мисла во функција на јавен интелектуалец кој се занимава со теми што директно го засегаат секојдневниот живот на поединецот како што се: етичките дилеми поврзани со технологијата и вештачката интелигенција, екологијата, климатските промени, лингвистиката и семиотиката, миграцијата и човековите права, ја преиспитува родовата еднаквост, идентитетските прашања и ги критикува глобализацијата и постглобализмот.
Најпопуларни и влијателни мислители на XXI век се сметаат Ноам Чомски, Јирген Хабермас, Питер Сингер, Џордан Петерсон, Јувал Ноа Харари, Марта Нусбаум, Биунг Чул Хан и др. Оваа фасцинантна листа на мислители кои го обликуваат современиот свет доаѓа од различни сфери на интерес и од различни философски дисциплини. Ноам Чомски се нарекува „татко на модерната лингвистика“, Јирген Хабермас, како наследник на Франкфуртската школа, се занимава со „Теоријата на комуникативно дејствување во јавната сфера“. Питер Сингер е современ етичар кој се залага за правата на животните, како и за т.н. Теорија на ефективен алтруизам. Џордан Петерсон, како клинички психолог и философ, е истакнат критичар и противник на постмодернизмот давајќи свој придонес во разрешување на дилемите на прашањата поврзани со „идентитетот“. Јувал Ноа Харари дава историска перспектива при антрополошката анализа на човекот од минатото со акцент кон иднината, предупредувајќи на опасностите од примената на вештачката интелигенција. Марта Нусбаум се занимава со комбинација на античката етика и етичките вредности, конкретно праведноста во современите општества и наративи. Биунг Чул Хан е критичар на дигиталното општество и на социјалните медиуми со што ги загатнува прашањата што се однесуваат на границите на слободата, правата, како и критериумот на тоа што е успешност, успех и продуктивност.
Се чини дека улогата на современиот философ е да постави прашања кои науката и политиката често ги игнорираат, поврзувајќи повеќе философски и научни дисциплини, со цел да создаде подлабоко разбирање на светот и да го насочи општеството кон праведни и одржливи решенија. Еден таков пример е философот и политичар Масимо Качари кој е исклучок од причина што своето теориско познавање го применува во практика. Масимо Качари (Massimo Cacciari) е современ италијански философ и политичар кој исто толку добро „плива“ како во водите на науката и академската кариера така и во политичкиот прагматизам манифестиран во раководење на градот Венеција со што ја потврдува Платоновата идеја дека и во 21 век не губи свежина и значење, како и применливост. Качари бил двапати градоначалник на Венеција − за прв пат во периодот од 1993 до 2000 година и по втор пат од 2005 до 2010 година. За време на двата мандата, Качари докажал дека градот е место каде што се поврзуваат и судираат културата, економијата и историјата, а политиката како моќна алатка не е само административна позиција, туку прагматичен медијатор меѓу традицијата и современите предизвици на урбанизмот. Останал запаметен по извонредната заштита на оригиналната и автентична архитектура на Венеција, како и по покровителството на низа манифестации од светот на уметноста и на културата. Иако бил кривично гонет во 1996 година во врска со пожарот кој се случил во оперската куќа „Ла Фениче“, подоцна бил ослободен од сите обвиненија. Кој е Масимо Качари како философ? Роден во 1944 година во Венеција, дипломирал философија на Универзитетот во Падова (1967) каде што се стекнал со докторат. Докторирал на тема од Кантовата философија, поточно со осврт на делото „Критика на моќта на расудување“. Во 1985 година станал професор по естетика на Институтот за архитектура во Венеција, а во 2002 година го основал Одделот за философија на Универзитетот Вита-Салуте Сан Рафаеле во Милано. Неколку години подоцна, во 2005 година, бил назначен за декан на факултетот. Бил активен и во доменот на издаваштвото − основал неколку философски списанија и објавил есеи инспирирани од автори како Фридрих Ниче, Мартин Хајдегер и Лудвиг Витгенштајн, често пишувајќи за кризата во модерната и постмодерната со акцент на односот меѓу културата и политиката. Философски е значаен и за воскреснувањето на идеите на рускиот филозоф и христијански мистик Павел Александрович Флоренски во доменот на афирмација на ангелологијата во христијанството. Несомнено се менуваат позицијата и сферата на интерес на философот низ историјата, но што останува исто кај философот, има ли некаква константа низ времето во т.н. философски супстрат? Веројатно кај философот останува истата човечка љубопитност, љубовта и страста во потрага по вистината, по откривање на нови епистемиолошки позиции во преиспитување на очигледните вистини или помалку откриените и натаму во функција на доброто и на праведното, со најголемо разбирање на стварноста, на реалноста и на светот што нè опкружува.
Економија и бизнис, печатено издание 01 март 2026г








