ЕВРОПСКИТЕ ДИПЛОМАТИ НАЈЧЕСТО БОЛЕДУВААТ ОД „ПРЕГОРУВАЊЕ“ НА РАБОТНОТО МЕСТО

Прегорувањето на работното место беше најчестата дијагноза за боледување за службениците на европската дипломатска служба помеѓу април минатата година и март оваа година, и беше дадено во 28 проценти од случаите, објави Политико од Брисел.

Според податоците добиени по барање за пристап до документи, во набљудуваниот период, во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се регистрирани 1.751 медицински потврди за болест.

Контролната единица на Европската комисија, која ја проверува медицинската оправданост на отсуството од работа поради болест, испитала 263 случаи, а меѓу нив речиси 28 проценти биле денови на боледување поради прегорување на работа.

Случаите биле контролирани случајно или на барање на администрацијата, што значи дека тие претставуваат само примерок од сите денови на боледување.

Висок функционер на ЕЕАС неодамна изјави за Политико дека во 2025 година, околу осум проценти од вработените во агенцијата ќе бидат на боледување поради стрес или прегорување.

Комисијата оцени дека оваа информација е „целосно неоснована“, додавајќи дека „таква статистика не постои, ниту за ЕЕАС, ниту за Комисијата, бидејќи отсуствата од медицински причини се заштитени со медицинска тајна“.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано