Европската комисија подготвува амбициозен пакет мерки за поедноставување на даночните правила во рамките на Европската Унија, со цел намалување на бирократијата и заштеда на економијата до седум милијарди евра годишно. Според нацрт-предлогот, официјален Брисел сака да го олесни работењето и за малите и за средните претпријатија и за мултинационалните компании. Нацрт-реформата предвидува неколку клучни промени што треба да го поттикнат економскиот раст и иновациите.
Авторите предлагаат даночни олеснувања за истражување и развој (R&D), односно воведување на единствен стандард на ниво на ЕУ што ќе им овозможи на компаниите веднаш (или во рок од четири години) целосно да ги одбијат трошоците за истражување и развој од даноците.
Европската воена и одбранбена индустрија ќе биде ослободена од одредени даноци на трошоците за задолжување, со цел да се олеснат инвестициите, се додава во нацрт-документот. Покрај тоа, се планира да се укинат старите правила против даночна евазија за големите компании, а овој чекор ќе заштеди околу 160 милиони евра годишно.
Компаниите сами ќе ги применуваат даночните олеснувања, а даночните власти ќе вршат контрола потоа, преку редовни ревизии, што ја нагласува довербата и ја намалува потребата од бројни одобренија што го попречуваат растот.
Официјалниот предлог ќе биде презентиран на 24 јуни. Строгите правила воведени во последните години успешно ја намалија даночната евазија, тие во исто време станаа толку комплицирани што донесоа огромни трошоци и купишта документација за бизнисот и даночните администрации.
За евентуалното усвојување на предлогот е неопходен консензус од сите 27 земји-членки на Европската Унија, пренесува НИН.
Фото Економија и бизнис








