Пет планинари од Босна и Херцеговина загинаа на планината Елбрус во Русија, објавија босанските медиуми. Двајца планинари се спасени.
Седумчлената планинарска експедиција била зафатена од снежна бура за време на искачувањето на Елбрус. Искачувањето започнало во поволни временски услови, но на околу 5.100 метри надморска височина, планинарите биле зафатени од снежно невреме, што довело до трагедијата.
Последната трагедијата не е изолиран случај. Тоа е само најновиот чин во долгата историја на несреќи на Елбрус, планина која, со својата очигледна едноставност, привлекува илјадници авантуристи секоја година, од кои во просек помеѓу 15 и 30 никогаш не се враќаат дома. Елбрус е и величествен џин и сурова, непредвидлива гробница.
Со висина од 5.642 метри, западниот врв на Елбрус не е само највисоката точка во Европа, туку и магнет за планинари од сите нивоа на искуство. За разлика од технички тешките алпски врвови, искачувањето на Елбрус не бара специфични вештини за искачување. Главната рута на јужната страна, која ја користат повеќето експедиции, е без опасни пукнатини во глечерите и не бара употреба на карабинери или совладување на карпести делови.
Оваа пристапност е дополнително подобрена со инфраструктурата. Системот на жичарници може да го одведе алпинистот до висина од 3.847 метри, до станицата Гарабачи, каде што се наоѓаат легендарните цилиндрични контејнери , кои служат како основен камп. Планинарите може да изнајмат и ратрак, кој ќе ги однесе уште повисоко, сè до карпите Пастух на приближно 4.700 метри. Ова значително го скратува пешачкиот дел од искачувањето, создавајќи лажно чувство на сигурност.
Затоа Елбрус станува прва висока планина за многумина. Поради нејзината „пристапност“ планината е избор искачување и на тимови од корпорации како дел од тим билдинг, пензионери и тинејџери. Според класификацијата, спаѓа во тежинската категорија 1Б, што значи дека речиси секое здраво лице, без посебна обука, може да се искачи на врвот.
Сепак, токму оваа репутација како „лесна планина“ ја крие својата најголема стапица. Луѓето ја потценуваат висината, променливото време и сопствените физички граници, а планината не простува такви грешки. Црната статистика го потврдува ова – само во 2004 година, 48 лица загинаа на Елбрус.
Најголемиот убиец на Елбрус не е техничката тешкотија, туку неговата сурова и непредвидлива природа. Времето може да се промени буквално за неколку минути. Совршено ведро небо може да се замени со метеж со ветрови што дуваат со брзина од 40 до 70 метри во секунда и температури што паѓаат до -30 степени Целзиусови.
Друг клучен фактор е висинската болест. На 3.000 метри, воздухот содржи половина помалку кислород отколку на нивото на море, а на повеќе од 5.000 метри, телото е изложено на екстремен напор. Без соодветна аклиматизација за Елбрус, кај планинарите се јавуваат симптоми од главоболки и гадење до дезориентација и халуцинации, кои можат да се појават ненадејно.
Босанско-херцеговската експедиција го започна своето последно искачување во 1 часот наутро на 25 јули, но неколку часа потоа групата се бореше за своите животи во бура што ги зароби на надморска височина од околу 5.350 метри, пишува Радиосараево.ба.
Фото Економија и бизнис








