Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека решението за влошувањето на финансиската состојба на Франција мора да дојде од таа земја, преку фискална политика.
Таа, ги намали очекувањата дека ЕЦБ би можела да интервенира за ублажување на должничката криза.
„Првото и основно решение лежи во самата Франција и се однесува на фискалната политика“, рече Лагард на настан на медиумската компанија CNN во Бангкок, одговарајќи на прашање за можноста ЕЦБ да обезбеди поддршка на втората најголема економија во Европската Унија.
Јавниот долг на Франција достигна речиси 120 проценти од бруто домашниот производ (БДП), а приносот на референтните десетгодишни обврзници се приближи до нивото од пет проценти, највисоко за повеќе од две децении, што ги зголемува трошоците за задолжување на државата и дополнително ја оптоварува економската активност.
Ситуацијата е влошена од високите расходи за социјална заштита и ограничениот простор за намалување на буџетскиот дефицит, додека владата во Париз се соочува и со барањата на студентите кои протестираат поради недостатокот на наставен кадар, преполните училници и лошата состојба на училишните згради.
Лагард, исто така, изјави дека порастот на цените на енергијата сè уште не се прелеал во пошироки движења на цените во еврозоната, додавајќи дека банката внимателно го следи ризикот од таканаречени секундарни инфлаторни ефекти.
Претседателката на Европската централна банка учествува на годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) во Бангкок, кој започна во понеделник и трае до 18 октомври.
Фокусот на овој собир се перспективите за светската економија, финансиската стабилност, долгот, инфлацијата и економскиот раст, но и растечкото влијание на вештачката интелигенција врз пазарите на трудот, јавните финансии и глобалната економија, пренесува Б92.
Фото Економија и бизнис








