Европската централна банка подготвува дигитално евро и систем за порамнување на токенизирани трансакции, со цел зајакнување на стабилноста и автономијата на европскиот монетарен систем
Европската централна банка (ЕЦБ) работи на подготовка на дигиталното евро и развој на инфраструктура за порамнување на токенизирани трансакции, што би ја зајакнало улогата на европскиот монетарен систем, изјави денес членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Киполоне.
Киполоне рече дека технолошките промени го менуваат начинот на кој луѓето плаќаат и како функционираат финансиските пазари, додека финансиските институции сè повеќе експериментираат со технологијата на дистрибуирана книга, а средствата се претставени во дигитална форма, односно во форма на токени, објави ЕЦБ.
Според него, дигитализацијата носи значајни можности за поедноставни плаќања и поефикасно финансирање, но во исто време носи ризик од фрагментација ако токенизираните финансии се развиваат на затворени и меѓусебно некомпатибилни платформи без безбеден начин на порамнување.
Тој истакна дека клучот е како да се обезбеди монетарниот систем да продолжи да го зачувува монетарното единство, довербата и стабилноста, а во исто време да ја поттикнува ефикасноста, отпорноста и европската автономија.
ЕЦБ сака да ги прошири парите на централната банка во дигитална средина, а воедно да го зачува постојниот двостепен монетарен систем каде што коегзистираат јавните и приватните пари.
Во малопродажните плаќања, ова подразбира подготовка на дигиталното евро, додека за пазарот на големо целта е да се овозможи користење на парите на централната банка за порамнување на токенизирани трансакции преку проектот Понтес, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис








