ДОМАШЕН КОНЗОРЦИУМ ПРЕДВОДЕН ОД „ГРАНИТ“ ЌЕ ГО ГРАДИ АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува и ќе се обрати на настанот по повод потпишување на договор меѓу ЈПДП и ЕБОР за грант средства за изградба на автопат Скопје-Блаце, кој ќе се одржи во 11 часот во Свечената сала во Владата.
 
Мицкоски минатата недела изјави дека е избрана градежната фирма што ќе го гради автопатот Скопје – Блаце, а за денеска најави и дека ќе биде потпишан и официјален договор, со што месецов се очекува да почне изградбата на оваа делница. 

– Таа тема се говореше во јавноста со децении. Успешно е завршена целокупната постапка, избран е изведувач и в понеделник и официјално ќе биде потпишан договорот. Очекувам овој месец да почне и изработката на оваа делница, така што и ова, би рекол, условно кажано, негативно наследство од минатото, се решава – изјави тогаш Мицкоски. 

Тој додаде дека проблемите што ги затекнале како Влада се илјадници и, вели, еден по еден ги решаваат. 

Конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски минатиот месец најави дека изградбата ќе почне летово изрази очекување автопатот да биде изграден за 3,5 години. На него ќе има пет тунели, две галерии, 12 мостови, околу 40-тина објекти заедно со помалите.

Според Николоски, изборот на „Гранит“ за изведувач, е сигнал за целиот градежен сектор во државава дека можеме да градиме големи инфраструктурни проекти. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано