ДОЛЖНИЧКА КРИЗА ВО САД ГИ ЗАФАЌА ГРАЃАНИТЕ И ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ СЕКТОР, уделот на домаќинствата кои имаат заостанати отплати на кредити за најмалку два месеци се зголемил

Долгот на американскиот земјоделски сектор достигна рекордни 605 милијарди долари (околу 522 милијарди евра), според проценките на Министерството за земјоделство на САД (USDA).

Долгот на земјоделскиот сектор е повеќе од двојно зголемен од 2000 година, кога изнесуваше околу 300 милијарди долари.

Сепак, агенцијата забележува дека вистинското ниво на задолженост може да биде значително повисоко бидејќи официјалната статистика не ги опфаќа целосно кредитите одобрени на земјоделците од добавувачи, задруги, производители на опрема и други нетрадиционални заемодаватели.

Проценките за 2026 година се дека  вкупниот земјоделски долг ќе достигне 605,1 милијарди долари, што вклучува 399 милијарди долари долг за недвижности и 206,1 милијарди долари друг долг.

Американските земјоделци сè повеќе користат алтернативни извори на финансирање, особено кога банките ги заоструваат условите за кредитирање, пренесува Б92.

Уделот на американските семејства кои не ги плаќале своите кредити се зголемил на речиси 20 проценти на крајот од 2025 година, во споредба со околу 12 проценти во претходното истражување во 2022 година, достигнувајќи го највисокото ниво од 2010 година, се наведува во извештајот на Федералните резерви (ФЕД).

Уделот на домаќинствата кои имаат заостанати отплати на кредити за најмалку два месеци се зголемил од пет проценти во 2022 година на повеќе од осум проценти на крајот од минатата година, додека процентот на семејства чии месечни долгови надминуваат 40 проценти од приходот се зголемил на 8,6 проценти, од 6,5 проценти во претходното истражување, објавува CNBC.

Извештајот на Федералните резерви покажува дека финансиските тешкотии на американските домаќинства се зголемиле и покрај продолжувањето на економскиот раст, а влошувањето на способноста за отплата на долговите достигнало нивоа што не се забележани од периодот по глобалната финансиска криза.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано