Доделување на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во науката
Во македонското Собрание денеска ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката.
Државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката им се доделува за делото „Континуитетот на Македонскиот јазик I“ (Приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерник, огледало и различна поучителна наставленија) на проф. д-р Михајло Марковиќ и на проф. д-р Соња Новотни.
На доделувањето на наградата, како што најавуваат од МОН, ќе се обрати министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во земјава денеска се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.
Бројни делегации и граѓани денеска ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред горобот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а предвидена е панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на која е најавено и присуство на премиерот Христијан Мицкоски.
Цвеќе на неговото вечно почивалиште, како што е најавено, меѓу другите, ќе положи собраниска делегација во состав Велика Стојкова-Серафимовска и Фатмир Битиќи.
По повод одбележувањето на 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, пак, во Владата ќе се одржи трибина насловена „Темел на државноста – визија за иднината“.
На трибината ќе учествуваат министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како и Јовица Никчевски, директор на Националната универзитетска библиотека.
Во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев, а по повод 123 години од неговата смрт, Универзитетот Гоце Делчев (УГД) и Општина Штип денеска традиционално, организираат настан во дворот на Ректоратот на УГД (Ново Село).
Фото Економија и бизнис







