Компанијата dm drogerie markt и Здружение на граѓани за промоција и поддршка на здравјето „Матрона“, ги покануваат мајките, идните родители и сите заинтересирани на бесплатната онлајн обука на тема „Мирни ноќи за целото семејство: спиење, навики и транзиции кај децата“, која ќе се одржи на 23 март, од 17.30 до 19 часот. Сите заинтересирани треба да го потврдат своето присуство на мејл адресата info@matrona.org.mk
Обуката ќе ја води Сања Ѓорѓев, сертифициран тренер за спиење од центарот Dr. Goodnight, каде работат со семејства чии бебиња или деца имаат проблеми со спиењето. Преку оваа едукативна средба, учесниците ќе имаат можност да добијат стручни насоки и практични совети за создавање поздрави навики за спиење кај децата, за полесно надминување на развојните транзиции и за воспоставување помирна и постабилна семејна рутина. Темата за спиењето е една од најважните во раниот развој на детето, а токму затоа оваа обука има цел да понуди корисни информации и поддршка за родителите во секојдневните предизвици со кои се соочуваат.
Оваа обука е дел од Караванот на мајчинство, иницијатива што dm и „Матрона“ ја реализираат втора година по ред, со цел да обезбедат поддршка, едукација и охрабрување за мајките и идните родители. По успешната измината година, во која беа реализирани 11 онлајн обуки, караванот продолжува да создава простор за размена на знаења, искуства и корисни информации, како и средина во која мајките се чувствуваат разбрани, поддржани и охрабрени да растат заедно со своите деца.
Годинешното издание на Караванот на мајчинство започна со онлајн обука, одржана на 25 февруари, на тема „Првиот оброк: Правилни чекори за безбедна и здрава дохрана на вашето бебе“ на која учествуваа 200 жени, активно следејќи ги препораките, поставувајќи прашања и споделувајќи лични искуства.
Со новата обука посветена на спиењето кај децата, Караванот на мајчинство продолжува и во текот на оваа година да отвора актуелни теми и да нуди стручна поддршка за прашања што се важни за секојдневието на современите семејства. Од dm посочуваат дека целта на оваа иницијатива е да им овозможи на мајките и родителите пристап до релевантни информации, корисни совети и проверени стручни лица, како и чувство дека во родителството не се сами.







