ЦЕНАТА НА СУРОВАТА НАФТА НАГЛО ПОРАСНА ПОРАДИ НОВИТЕ ТЕНЗИИ МЕЃУ САД И ИРАН

Цените на суровата нафта вчера нагло пораснаа поради обновените тензии меѓу САД и Иран, како и извештаите дека некои танкери биле принудени да се вратат од Ормуската Теснина.

Цената на американската сурова нафта WTI се искачи на околу 85 долари за барел, додека „брент“ суровата нафта од Северното Море исто така се искачи на повеќе од 88 долари за барел.

И двата типа забележаа месечен раст од повеќе од 20 проценти.

Според иранската новинска агенција Фарс, иранската Револуционерна гарда запре два танкери кои се обидуваа да поминат низ стратешки важниот воден пат, додека четири други го сменија курсот.

Сепак, податоците од компанијата за следење на бродови „Кплер“ покажуваат дека два многу големи танкери за сурова нафта натоварени во Персискиот Залив успешно поминаа низ Ормуската Теснина.

Конфликтот дополнително се засили овој месец откако пропадна привремениот прекин на непријателствата меѓу Вашингтон и Техеран, додека јеменските Хути станаа поактивни во конфликтот.

Саудиските сили, исто така, се придружија на американските операции против групите поддржани од Иран во Ирак.

Зголемувањето на цените на нафтата е дополнително под влијание на падот на залихите на сурова нафта во Соединетите Американски Држави и украинскиот напад врз рафинеријата за нафта во Волгоград, Русија, што ги зголеми загриженостите за можни прекини во глобалното снабдување, пренесува РТВ.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано