Почна санацијата на мостот „Естакада“, еден од најфреквентните влезови и излези од Скопје, кој претставува важна сообраќајна артерија за илјадници граѓани што секојдневно патуваат кон и од општините во овој дел на градот.
Проектот, како што информираат од Град Скопје, опфаќа реконструкција на пристапните рампи на површина од 10.000 квадратни метри, при што ќе се изврши гребење на постојниот асфалт и вградување на два нови асфалтни слоја. Предвидено е и самиот мост да добие нов асфалтен слој.
Во рамки на санацијата ќе се заменат рабниците и капаците на шахтите, ќе се изградат нови асфалтни тротоари, а заштитната пешачка ограда ќе биде исчистена, санирана и повторно обоена.
Вкупната должина на коловозот што се реконструира изнесува 1,5 километри.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека проектот претставува инвестиција во побезбедна и поквалитетна инфраструктура.
Фото Економија и бизнис








