Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, има свое потекло, свои специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба. Сакаме македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет првенствено во Македонија, а потоа и во регионот и, секако, на меѓународниот пазар. Сакаме името да биде поврзано со земјата од која потекнува, специфичните својства да бидат препознаени и заштитени. Сакаме секој производ што ќе го носи ова име да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност – рече денеска министерката за енергетика, Сања Божиновска.
На прес-конференцијата, на која ги презентира активностите за заштитита и промоција на овој наш уникатен камен, Божиновска информира дека македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, квалитетот и посебните својства, но и QR-код преку чие скенирање корисникот ќе ги добие сите информации содржани во сертификатот. Првиот код се очекува да биде изготвен до крајот на октомври.
Името македонски рубин, потенцира министерката, ќе може да се користи само кога се исполнети утврдените услови: кога е потврдено потеклото, кога постои документација, кога е извршена стручна контрола и кога производот ги исполнува критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.
Според неа, со воспоставување ред и јасни стандарди македонскиот рубин добива можност да прерасне во препознатлив национален бренд, производ што ќе создаде нова економска можност за занаетчиите, дизајнерите, обработувачите, трговците и, секако, локалните заедници.
– Денеска зборуваме за процес што го почнавме со јасна цел. Она што природата ѝ го подарила на Македонија да го заштитиме, да го уредиме и да создадеме услови, конечно, да ја добие својата вистинска вредност. Веќе не зборуваме за идеја или иницијатива, го градиме институционалниот механизам за заштита што ќе се применува во практиката. Тоа значи дека мора прецизно да биде утврдено што може да се означи и да се продава како македонски рубин. Мора јасно да се знае од каде потекнува материјалот, мора да постојат јасни правила за тоа кој може да го вади, да го обработува, да го пласира и, конечно, да го користи заштитениот назив. Мора да биде утврден начинот на кој се контролираат квалитетот и посебните својства, мора да постои евиденција за материјалот и мониторинг за неговото движење – од местото на потекло, преку обработката, па сè до негово означување, продажба и промоција. Мора да бидат јасно определени условите под кои камен, накит или друг производ може да го носи името македонски рубин – истакна Божиновска.
Таа уште еднаш напомена дека заштитениот назив мора да биде придружен со систем што ќе гарантира дека зад него навистина стојат автентично потекло, утврден квалитет и почитување јасно дефинирани правила.
– Нашата цел е да се заштитат производителите, обработувачите и занаетчиите што ги почитуваат правилата, а пред сè ние треба да го заштитиме купувачот. Кога граѓани, туристи, странски купувачи ќе го видат македонскиот рубин, треба да бидат сигурни дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет и секако институционална гаранција. На тој начин создаваме доверба во производот, но истовремено ја зголемуваме и неговата пазарна вредност – рече Божиновска.
Во 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во координација со Геолошкиот завод, првпат ја поведе иницијативата за институционална и правна заштита на македонскиот рубин како географска ознака. Следуваше стручна, институционална работа. Геолошкиот завод го изработи елаборатот, во кој беа утврдени потеклото, специфичните карактеристики и другите релевантни својства на македонскиот рубин. Врз основа на оваа документација, годинава во мај беше поднесена пријавата до Државниот завод за индустриска сопственост, кој на 17 јуни донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.
– Тоа е значаен успех за нашата држава. Со ова решение името македонски рубин доби правен идентитет и основа за институционална заштита. Истовремено, решението отвора нова и уште поважна фаза – практично спроведување на оваа заштита – нагласи министерката и додаде дека паралелно се работи на меѓународна афирмација на рубинот.
Инициран е процесот за пристапување на Македонија кон женевскиот акт на Лисабонскиот договор, со што, објасни, ќе се создаде правна можност географската ознака „македонски рубин“ во иднина да биде пријавена и за меѓународна заштита преку овој лисабонски систем.
– Државниот завод за индустриска сопственост веќе ја достави оваа иницијатива, ја поднесе до Владата, сега чекаме таа да се произнесе. По донесувањето на одлуката, ќе следуваат соодветни постапки за формално пристапување и ратификација, а потоа и натамошни чекори за меѓународна заштита на географската ознака. Меѓународната препознатливост почнува со јасен, кредибилен и функционален систем во нашата држава. Поради тоа, паралелно со правната заштита воспоставуваме систем на сертификација, евиденција и мониторинг. Комисијата го подготви правилникот за работа, институциите ги усогласуваат сите правни и практични елементи, кои се потребни системот да функционира. Во тек е и изработка на новиот закон за рударство, во кој прашањата поврзани со практичната примена на заштита на географската ознака „македонски рубин“ ќе бидат соодветно уредени и усогласени. Целта е да имаме јасна правна основа за пријавување, евидентирање и следење на корундовиот материјал, како и ефикасни механизми за спречување неправилно, недокументирано или неовластено користење на заштитениот назив – рече Божиновска.
Откога ќе завршат сите потребни процедури, ќе почне официјалното и детално информирање на занаетчиите, обработувачите, производителите, трговците, потенцијалните овластени корисници и сите други релевантни чинители. Ќе биде воспоставен јавен регистар на физичките и правните лица што се занимаваат со вадење, обработка, промет или продажба на македонскиот рубин во согласност, секако, со утврдените законски услови.
– Сите засегнати страни треба навремено и точно да знаат што значи оваа заштита: кои се условите за користење на називот, како се пријавува и евидентира материјалот, како се докажува потеклото, како се спроведува стручната контрола, како се добива потврда за исполнување на условите и кои се обврските при означување, обработка, продажба и промоција на производите. Ние сакаме да имаме јасен систем, транспарентен, достапен и функционален. Одиме чекор по чекор: од геолошко богатство кон заштитено име, од заштитено име кон сертифициран производ, од сертифициран производ кон препознатлив национален бренд и од национален бренд кон нова економска вредност за Македонија. Нашата крајна цел е секој што ќе го слушне името македонски рубин да знае дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет, јасен стандард и секако институционална гаранција. Сакаме македонскиот рубин да стане пример за тоа како државата може да го заштити своето природно богатство, да го поврзе со знаењето и традицијата и да создаде производ со повисока вредност и меѓународен потенцијал – посочи министерката.
На прес-конференцијата присуствуваа и членовите на новоформираната Комисија за македонскиот рубин, како и претставници на Геолошкиот завод, Заводот за индустриска сопственост, Министерството и другите институции и чинители вклучени во процесот.








