Бизнис-заедницата е свесна за предизвиците што ги носат глобалните економски и технолошки промени, но само преку отворен дијалог меѓу институциите, бизнисот и меѓународните партнери и преку транспарентни процеси може да се дојде до решенија што ќе обезбедат повисок економски раст, подобар животен стандард и поголема конкурентност на македонската економија, како и заштита на животната средина, ова се главните пораки од панел дискусиите на темата: „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, што се одржаа во организација на Стопанската комора и УНДП.
Развојот на дата-центри може да претставува значајна можност за привлекување странски инвестиции, трансфер на технологии и отворање нови можности за македонските ИТ-компании и инженери. Македонија мора да изгради национален дата-центар за да ја обезбеди стабилноста на дигиталните услуги и да го следи развојот на вештачката интелигенција, беше речено на Првиот панел со наслов „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“, на кој панелисти беа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и софтверскиот инжинер Петар Пешев од Ултра.
Во државата постојат локации со потенцијал за развој на помали и средни дата-центри, особено во напуштени индустриски капацитети и во близина на индустриските развојни зони, како во Скопје и Охрид, при што како особено атрактивен регион е подрачјето околу Неготино. Државните системи во моментот се распределени на повеќе од 40 локации во Скопје, што, како што рече министерот Андоновски, создава сериозни ризици за нивното функционирање.
-Често се случува да има прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизација или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедност, туку и на сигурност и континуитет на државните услуги, нагласи Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Осврнувајќи се на развојот на вештачката интелигенција, министерот оцени дека земјите што нема да изградат сопствени капацитети ќе се соочат со поголема зависност од странски технолошки компании и инфраструктура.
– Постои реален ризик да се создаде јаз меѓу оние што ќе имаат пристап до ресурсите потребни за вештачка интелигенција и оние што нема да може да си го дозволат тоа. Затоа мора навреме да инвестираме во сопствени капацитети, истакна Андоновски.
Според него, Македонија годишно создава речиси илјада ИТ-инженери, кои треба дополнително да се специјализираат во области како кибербезбедноста, cloud computing и управувањето со центри за податоци.
Петар Пешев од „Ултра“ нагласи дека во јавноста честопати се изедначуваат разни типови дата-центри, иако тие имаат разни технолошки карактеристики и влијание врз животната средина.
Тој посочи дека треба јасно да се прави разлика меѓу класичните дата-центри и центрите наменети за вештачка интелигенција, кои имаат значително поголема потрошувачка на електрична енергија и посложени системи за ладење.
– Не сите дата-центри се исти. Кога се зборува за нивното влијание, мора да се знае за каков тип на дата-центар станува збор, колкава е неговата потрошувачка на енергија, каков систем за ладење користи и какви се неговите еколошки ефекти, вели Пешев.
Покрај економските придобивки, дата-центрите имаат важна улога и во заштитата на чувствителните податоци, особено во секторите, како осигурувањето и јавната администрација, каде што обработката на информациите често мора да остане во рамките на локалната инфраструктура.
Според Пешев, развојот на домашни капацитети за складирање и обработка на податоци е важен предуслов за понатамошна дигитална трансформација и примена на решенија базирани на вештачка интелигенција.
Во воведните излагања, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, порача дека прашањата поврзани со индустријата, екологијата и новите технологии повеќе не може да се одложуваат и дека е потребна отворена дебата за нивното влијание врз идниот економски развој.
– Прашањата за индустријата и екологијата мора да се соочат во еден момент и да добијат јасен став. Без таква дебата, не можеме да одиме напред и да креираме политики што ќе бидат значајни за идниот развој на државата – нагласи Азески.
Постојаниот претставник на УНДП во земјата, Армен Григорјан, оцени дека зелената транзиција треба да се гледа како можност за инвестиции, зголемена конкурентност и економска отпорност, а не само како обврска за компаниите.
Тој нагласи дека приватниот сектор има клучна улога во спроведувањето на зелените политики преку инвестиции во иновации, енергетска ефикасност и чисти технологии.
Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Бен Нупнау, пак, порача дека одржливоста не е спротивна на профитот, туку претставува предуслов за долгорочен економски успех и конкурентност.
Тој истакна дека усогласувањето со европските стандарди за животна средина и циркуларна економија ќе им овозможи на македонските компании полесен пристап до единствениот европски пазар и подобро вклучување во европските синџири на вредност.
Фото Економија и бизнис








